Согласно Законот за потрошувачи, е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата, вели министерот за економија Бектеши
Минатата недела Пазарниот инспекторат утврдил неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети.
„Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7 000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го во предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата“,
изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој денеска уште еднаш повтори дека има повеќе од доволна количина на брашно во државата, а мелниците имаат задоволителна количина залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар и апелираше до граѓаните да не ги празнат рафтовите и да не создаваат непотребни залихи.
„До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“,
кажа министерот Бектеши.
Тој уште посочи дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, но не затоа што не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза, истакна Бектеши.