Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на Канал 5 зборуваше и за тоа како, според него, Владата се справува со кризата, оценувајќи дека државата нема доволно стокови резерви
Доста отстапки правиме, како може да го погледнат народот во очи и постојано да повторуваат исто, оваа земја заслужува датум и покрај сите неспособности на власта, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на Канал 5, коментирајќи за изјава на високиот комесар на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Јозеп Борел при неговата вчерашна посета на Скопје.
На времето кога доаѓаа Хан и неговите претходници ни велеа преку Атина. Сега доаѓа Борел ни вели преку Софија. Утре Господ знае преку кој друг ќе ни кажат, а толку отстапки овој народ направил и оваа мала држава што веќе навистина не знам како не им е жал да го гледаат народот во очи и, како расипана плоча, да им го повторуваат истото,
рече Мицкоски, одговорајќи на прашање како ја коментира изјавата на потпретседателот на ЕК дека има волја за почеток на преговорите, но дека не може да вети точен датум.
Мицкоски потенцираше дека македонскиот народ и држава заслужуваат да започнат преговори со Европската Унија и да не бидат предмет на дополнителни понижувања и уценувања.
„Овој народ и оваа држава заслужуваат да започнат тие преговори. Настрана неспособните политичари и криминалните политиките што се водени. Барем на политичко ниво, поради солидарноста и она сето што го направи овој народ за Европа, заслужи да ги започне тие преговори, да не биде предмет на дополнителни понижувања и уценувања“,
смета Мицкоски.
Тој зборуваше и за тоа како, според него, Владата се справува со кризата, оценувајќи дека државата нема доволно стокови резерви.
„Зошто тогаш ако имаше доволно стокови резерви не се интервенираше на пазарот за нафта и нафтени деривати, тогаш ќе немавме проблем со цените, немаше да одат до плафон, ќе немавме никаков проблем ако се подготвувале“,
рече Мицкоски.
Мицкоски ги охрабри и медиумите да проверат дали има доволно количини на мазут, но и доволно количини во стоковите резерви за другите артикли.
Не само што не беа подготвени, туку и денес да ги прашате каква им е стратегијата не знаат. Еве прашајте ги дали имаат доволно количини и проверете, појдете на терен каде што се државните резерви да видите дали има доволно количини на мазут. Дали има доволно количини во стоковите резерви од другите артикли“,
нагласи Мицкоски.