Делегациите на руската и украинската страна досега одржаа три рунди разговори, а и покрај договорот за хуманитарните коридори, сè уште не е постигнат и компромис за прекин на огнот

Според рускиот претседател Владимир Путин, забележан е „позитивен“ развој на тековните преговори меѓу руските и украинските претставници, пишува Би-би-си.
„Таму има одредени позитивни промени, преговарачите од нашата страна ме информираа за тоа“,
му рекол Путин на белорускиот лидер Александар Лукашенко за време на состанокот кој се одржа денеска помеѓу двајцата лидери во Москва.
Досега се одржаа три рунди разговори меѓу преговарачките тимови на двете страни на белоруско-украинската граница, а во четвртокот министрите за надворешни работи на Украина и Русија, Дмитро Кулеба и Сергеј Лавров, одржаа состанок во Анталија, Турција.
Сепак, засега нема конкретни резултати од разговорите.
Путин се осврнал и на прашањето за санкциите против Русија, сугерирајќи дека тие би можеле да имаат позитивен ефект врз земјата.
„Ова отвора можност да се придвижиме кон зајакнување на нашиот економски и технолошки суверенитет“,
истакнал Путин по средбата со Лукашенко.