Министерот за надворешни работи на Русија потврдил дека се зборувало за хуманитарните коридори и дека планот е и натаму да се организира евакуацијата на цивили
Заврши состанокот на министрите за надворешни работи на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба, а според зборовите на украинскиот министер, нема договор за прекин на војната.
Состанокот на двајцата министри траел час и половина, а тие се сретнаа во Анталија, Турција, каде што разговарале за многубројни теми, меѓу другото, и за евентуална средба помеѓу двајцата претседатели Володимир Зеленски и Владимир Путин, пишува „Танјуг“.
По состанокот, во изјава за медиумите, Кулеба рече дека преговорите со Лавров оделе тешко, а разговарале и за хуманитарните коридори и за прекин на огнот, но договор не е постигнат.
Тој додал и дека Киев се обидел да пронајде дипломатски решенија. На состанокот се зборувало и за можноста да се воведе 24-часовен прекин на огнот, но не дошло до договор.
Според неговите зборови, Лавров предложил да се одржи трилатерален состанок меѓу ИАЕА и руските и украинските експерти за нуклеарна безбедност.
Лавров за време на состанокот рекол дека е подобро да постои студен мир, отколку студена војна.
Министерот за надворешни работи на Русија потврдил дека се зборувало за хуманитарните коридори и дека планот е и натаму да се организира евакуацијата на цивили.
Лавров рекол и дека при последната рунда преговори меѓу руските и украинските делегации во Белорусија, на Украина ѝ биле дадени отворени предлози и дека се чека одговор од Киев.
„Овие преговори немаат алтернатива“,
рекол Лавров по состанокот со Кулеба, додавајќи дека Украина веќе го разгледува рускиот предлог за прекин на војната и дека ќе достави одговор.
Лавров посочил и дека е опасно тоа што на Украина и се доставува оружје истакнувајќи дека на територијата на Украина имало „американски биолошки лаборатории на тајни локации“.
На новинарско прашање за евентуална средба меѓу Путин и Зеленски, Лавров рече дека не е поентата само да се одржи средба, туку и да се изнајде решение.
„Да се потсетиме на средбата во Париз во 2018 година, кога не беа испочитувани условите. Која е поентата повторно да се среќаваат ако договорите не се почитуваат“,
нагласи Лавров.