Според украинската војска, со употреба на тешка артилерија биле гранатирани околу 40 населени места и позиции вдолж линијата на контакт
Обединетите нации и повеќето членки на Советот за безбедност на ОН рано утринава го осудија руското признавање на отцепените територии во источна Украина и наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за распоредување војници во тие области, додека Москва соопшти дека е отворена за дипломатија
Украинската војска денеска соопшти дека двајца војници се убиени, а 12 се повредени при гранатирање од страна на проруските сепаратисти во источна Украина во изминатите 24 часа, што е најголем број на жртви оваа година.
Украинските сили на својата фејсбук-страница објавија дека пријавиле 84 случаи на гранатирање од непријателска страна.
Според украинската војска, со употреба на тешка артилерија биле гранатирани околу 40 населени места и позиции вдолж линијата на контакт.

Украина ја обвинува Русија за предизвикување насилство и смета дека Москва тоа го искористи како изговор за официјално признавање на двата источни украински региони Донецк и Луганск како независни и за движење на војниците во регионот, со што ја забрза кризата.
Во 64 од пријавените случаи на гранатирање, противниците на украинските сили користеле оружје што е забрането според договорите од Минск за источна Украина.
Москва го ратфикува указот за признавање на сепаратисти
И додека речиси целиот свет е обединет во осудата на потегот на Москва, руската Дума започна седница за ратификација на Уредбата за признавање на двете сепаратистички украински области, која Путин ја потпиша за време на синоќешното обраќање до нацијата.
Претходно, парламентите на самонаречените републики во Донецк и Луганск го ратификуваа договорот.
Обединетите нации и повеќето членки на Советот за безбедност на ОН рано утринава го осудија руското признавање на отцепените територии во источна Украина и наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за распоредување војници во тие области, додека Москва соопшти дека е отворена за дипломатија.

„Меѓународно признатите граници на Украина ќе останат непроменети без оглед на изјавите и дејствијата на Русија“,
изјави украинскиот амбасадор во ОН, Сергеј Кишлица, на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН.
Украина бара Русија да ја „поништи одлуката за признавање“ на сецесионистичките територии на Украина, „да се врати на преговарачката маса“ и да ги повлече своите „окупациски трупи“, додаде Кишлица.
Според АФП, на крајот од „тензичната“ средба на Советот за безбедност на ОН од речиси два часа, украинскиот дипломат оценил дека ОН се погодени од вирусот што го шири Кремљ.
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, на почетокот на средбата оцени дека тоа што Путин ја нарекол руската армија мировна сила е „глупост“, наведувајќи дека намерата била да се оправда евентуалното влегување на Русија во сепаратистичките територии на источна Украина.
Заменик-генералниот секретар на ОН за политички прашања Розмари Ди Карло изрази длабоко жалење за одлуките и постапките на Русија.
„Следните неколку часа и денови ќе бидат критични. Ризикот од голем конфликт е реален и мора да се избегне по секоја цена“,
рече таа.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, изјави дека Русија останува отворена за дипломатија, но дека нема да дозволи крвопролевање во Донбас.
Постапките на Русија ги осудија и претставниците на Франција, Норвешка, Ирска, Индија, Кенија и Албанија.
Кина не ја осуди експлицитно Русија.

„Сите земји треба да ги решаваат меѓународните спорови по мирен пат во согласност со целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“,
рече кинескиот амбасадор Џанг Џун повикувајќи ги сите страни на воздржаност.
Во меѓувреме, Русија соопшти дека е подготвена за разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој во четврток во Женева треба да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Дури и во најтешките времиња… ние велиме: подготвени сме за преговори и затоа нашата позиција остана иста“,
изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, еден ден откако Москва ги призна проруските украински сепаратистички региони.
Таа додаде дека Русија секогаш е посветена на дипломатско решение на кризата.