На дневен ред на денешната седница на собранието во Белград е предлог-законот за потврда на Договорот со Северна Македонија за заемно признавање на квалификувани услуги од доверба
Предлог-законот за потврда на Договорот меѓу владите на Србија и на Северна Македонија за заемно признавање на квалификувани услуги од доверба стигна на дневен ред на денешната седница на српското собрание.
При претставување на договорот пред пратениците, српскиот министер за финансии Синиша Мали рече дека овој документ ќе има влијание врз стопанските субјекти на двете земји, кои во меѓусебната деловна соработка ќе преминат на електронско работење, што е побрзо и поефикасно од класичната трговија.
„Преку овој договор, ние ги прифаќаме нивните квалификувани услуги, тие нашите и со тоа создаваме услови за забрзување на електронската трговија. Тоа е дел од ‘мини шенгенот’, голема иницијатива што ја почна претседателот Александар Вучиќ, а е насочена кон забрзување на стопанската, економската, социјалната соработка меѓу трите земји на Западен Балкан, со цел дополнително забрзување на економскиот раст на сите три земји“,
рече Мали осврнувајќи се на иницијативата зад која, покрај Србија и Северна Македонија, стои и Албанија.
Тој нагласи дека услугите на една земја ќе бидат достапни и во друга земја, што ќе има позитивно влијание врз економскиот развој.
Мали го објасни и предлог-законот за потврдување на дополнителниот Протокол 6 за трговија со услуги на договорот за измени и пристапување на договорот за слободна трговија во Централна Европа.

„Поентата и основниот мотив за подобрување на меѓусебната соработка и поблиското поврзување во нашиот регион е севкупниот развој и модернизација на нашите општества, односно благосостојбата на сите наши граѓани“,
рече Мали.
Во исто време, како што истакна, Протоколот 6 од ЦЕФТА-спогодбата се однесува на либерализација на трговијата со услуги, со што се зголемуваат можностите за зајакнување на економската соработка во регионот на Западен Балкан.
„Ова е една од најважните цели и идеи на иницијативата што неодамна ја покрена претседателот на Србија, заедно со премиерите на Албанија и на Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев“,
Изјави Мали во врска со иницијативата што почна да се реализира есента минатата година.