По сведочењето на адвокатот Васил Димишков во случајот „Рекет“, бранителот на Бојан Јовановски-Боки 13, Сашко Дуковски, побара од судечкиот совет да му се укине притворот на неговиот клиент.
„Предлагам да го укинете притворот бидејќи се престанати околностите за негово понатамошно задржување во притвор, како што е опасноста од бегство. Овој совет е надлежен да донесе такво решение. Можам да ви покажам други решенија од други совети кога во текот на судењето е носена таква одлука и од тие причини го ставам овој предлог пред вас“,
рече Дуковски кој барањето дополнително го оправда и со здравствената состојба на Боки која бара хигиенско-диететски режим.
Тој побара да се определат сите други мерки на претпазливост, но само да се укине притворот.
„Полицијата не го најде обвинетиот во библиотека, го најде на граница при обид за бегство. Затоа се противам на какво било размислување за укинување на притворот“,
рече обвинителката Вилма Русковска.
Боки, пак, реплицираше дека обвинителката кажува ноторни лаги.
„Морам пред овој судечки совет да кажам дека ова е ноторна лага искажана од обвинителката Русковска дека сум фатен во бегство, кога има и докази дека одев во Миконос, Грција, на седумдневен одмор. Еве го и вториот факт, кој ја побива лагата дека сум имал намера да бегам – кога ми беше определена мерката притвор, обвинителката и тогаш кажа ноторна лага дека ме следеле службите на МВР, дека сум возел 200 на час и дека сум им избегал. Тоа е лага, ниту има снимки ниту видовме докази”,
рече Боки.
Тој зборуваше и за причините кои биле наведувани за притворот, па повтори дека не е точно дека бил невработен зашто бил прокурист на 1ТВ, а немал оформено семејство од лични причини.

На крајот од неговото излагање тој рече дека му било понудено позитивно решение за пуштање од притвор ако постапел како Зоран Милески-Кичеец и, како што рече, ако кажел дека Катица Јанева е виновна и дека Фросина Ременски земала пари.
*Поврзани вести:
Судијката во „Рекет“ вели дека не чувствува никакви притисоци за предметот