Братот на поранешниот премиер Зоран Заев, Вице Заев, демантира дека тој или кој било член од неговото семејство е поврзан со случајот познат како „Рекет“, нарекувајќи ги „лаги“ информациите што на прес-конференција ги изнесува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Изнесените невистини дека сум се среќавал со лицата осомничени за овој случај, дека сум седел, дека ме имало на некои снимки ги демантирам, тоа не е точно. Обидите за мое инволвирање на каков било начин во валканата политичка кампања сметам дека е намерно, лажно и тенденциозно, со единствена цел да му се наштети на Зоран Заев и политиките што ги спроведува“,
вели Вице Заев оценувајќи дека она што се случува е продолжение на смислената, црна пропаганда, преку медиумите што ги контролираше Никола Груевски во времето на режимот.
Тој ги повикува надлежните институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудиоматеријали, за јавноста да се увери во вистината.
„Самиот факт што законски била спроведена постапката за прибирање докази и видеоматеријали потврдува дека никој нема контрола над постапките што се водат во МВР, во обвинителството и судството, освен надлежните институции“,
вели Заев во писмената изјава.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, денеска на прес-конференција обвини дека два дена нема реакција од Зоран Заев и Вице Заев за средбите со Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец, обвинетата и веќе осудениот во „Рекет“.
„Не објаснуваат што зборувал Зоран Заев на средбата со Катица Јанева во август. Откако веќе на целата македонска јавност ѝ беше познато за случајот „Рекет“ и беа објавени во јавноста снимките во кои се гледа торбата ‘луј витон‘. И што правел во текот на јуни и јули братот на премиерот Вице Заев заедно со Зоран Милески-Кичеец. Ако е вистина дека Зоран Заев го пријавил прв случајот, како тогаш се гледале тој и неговиот брат со главните осомничени во случајот во што тој прв го пријавил?“,
праша Николоски и обвини дека со креирање лажни вести и проѕирни спинови свесно се одбегнувле одговорите.
*Поврзана вест
Русковска побара, судот дозволи: Тајните снимки утре ќе станат јавни