Трите аудиоснимки, кои се дел од УСБ што во обвинителството го предал Зоран Милески-Кичеец, утре ќе се пуштат во судница во присуство на новинарите и останатата јавност.
Ова следува откако денеска такво барање на рочиштето за „Рекет“ истакна обвинителката Вилма Русковска, а судечкиот совет на чело со Васка Николовска-Максевска се согласи.
„Одбраната и обвинетите направија голем проблем околу тоа. Сметав дека прикажувањето на тие разговори е непотребно одолговлекување на постапката. Сепак, поради јавноста и да нема никакво сомнение во тоа дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив тие снимки да се слушнат и мило ми е што судијката прифати“,
изјави обвинителката Вилма Русковска по крајот на денешното рочиште.
Имено, на УСБ што го предал Кичеец има вкупно пет снимки. Од нив две се пуштија јавно во четвртокот иако снимките тешко се разбираа во делот од судницата каде седеа новинарите, па тешко беше да се сфати контекстот на разговорите.
Од останатите три снимки, Русковска како доказ предложи уште една, но поради приватни теми бараше јавноста да биде исклучена кога ќе се слуша таа снимка. Преостанатите две снимки таа првично не ги предлагаше како доказ бидејќи, како што вели, не се поврзани со предметот.
На тоа, обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева минатата недела реагираа и бараа новинарите да ги слушнат снимките. Кога Боки го бараше тоа, алудираше дека со тоа ја отвора Пандорината кутија.
„И официјално, од овој момент ја отворам Пандорината кутија. Тоа значи дека и покрај моето нарушено достоинство, вршење на тортура, барам јавноста да не биде исклучена за да се види вистинитоста на мојот однос со Зоран Милески-Кичеец, манипулацијата со мене, ова секако е под секое човечко достоинство. Во досегашниот тек на постапката не видовме докази, видовме само сензационализам и понижување“,
рече Боки во четвртокот минатата недела.
Јанева, пак, рече дека од тие снимки почнува нејзината одбрана и ќе се види кој нудел поткуп, а кој нудел рекет.
„Од снимките се виде дека никој не разговарал за рекет кога Орце Камчев бил во притвор, а во делот кога нуделе поткуп, токму тие разговори не сакате да ги изведете. Од таму почнува приказната за мојата одбрана и мислам дека ми е нарушено правото што не се дозволува да се изведат“,
рече Јанева.
Русковска, пак, коментирајќи ја ваквата изјава на Јанева, денеска рече дека колешката изгледа не сфатила дека е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Првообвинетиот Боки 13, пак, во случајот се товари за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси.
Зоран Милески-Кичеец кој, пак, е обвинет за примање награда за противзаконско влијание на првото рочиште призна вина и беше осуден на три години затвор.
Катица Јанева била под ПИ-мерки девет дена
На денешното рочиште, како што објавивме, се презентираа ПИ-мерки од следењето на обвинетите.
Последни се презентираа снимките набавени со следење на Катица Јанева. Таа била под ПИ-мерки, од 12 август 2019 година до 21 август 2019, дента кога беше приведена.
Од нив можеше да се види како обвинетата Јанева, била снимена кај СЈО, во куќата каде живееше на улица Стрезова, во адвокатска фирма „Поленак“, до Апелацискиот суд во Скопје, во ресторанот „Ден и ноќ“, во Институтот за геријатрија, во ресторан „Казабланка“ итн.
Бранителот на Јанева, Дељо Кадиев, рече дека изнесените материјали од ПИ-мерките на денешното рочиште воопшто и не требало да бидат изведени бидејќи предметот на обвинение е периодот од ноември 2018 година до април 2019 година.
Боки одел кај Катица Јанева, Кичеец со блиски на Заев?
Претходно на рочиштето се прикажуваа ПИ-мерките од следењето на Кичеец и Боки.
Од прикажаните видеа се виде дека биле следени возило „порше“ со бугарски ознаки и џип со македонски ознаки. Се прикажуваа и снимки од барот „Интермецо“, ресторанот „Воденица“, во кругот на фабриката ОХИС и други локации во Скопје.
ПИ мерките покажаа и дека Боки 13 се гледал со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и одел кај неа, во нејзиниот дом.
За снимка од следењето на Кичеец, пак, се виде и една снимка во кафуле, на која Боки потоа на новинарите им рече дека се гледале Вице Заев и адвокатот Ване Андреев.
Во однос на „звучните имиња“ обвинителката Русковска, по завршување на рочиштето, рече дека бидејќи го читала извештајот од МВР додека оделе снимките, не ги ни видела.
„Како што можевте сами да се уверите не беше спомнато ниту едно име, освен лицата за кои беа наредени посебни истражни мерки“,
изјави Русковска.