Чулев тврди дека на последната владина седница не се поништени пет, туку уште 124 решенија за распоредување во МВР што тој ги донел, а за кои воопшто не се расправало на седницата и не постои одлука за тоа
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го обвини премиерот Оливер Спасовски за попречување на функционирањето на техничката влада и за кривично дело фалсификување службена исправа и злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинувањата на Чулев се однесуваат на последното поништување на решенија за распоредување на вработени во МВР направено на седницата на Владата во саботата.

Чулев тврди дека не се работи само за пет решенија, за кои беше и официјално соопштено од владата, туку дека се работи за уште 124 и за една наредба, кои се поништени без за тоа да се расправа на владината седница и за тоа да се донесе одлука.
„Со мнозинство гласови Владата во десет минути пред полноќ го усвои предлогот да се поништат пет решенија, за што постои записник/стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно во координација со дел од службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во ‘Службен весник’ Бр.41 од 15.2.2020 година, каде што, покрај петте решенија, чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба за извршување работа и работни задачи. Овие решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата ниту, пак, е донесена одлука за нивно поништување“,
изјави денеска Чулев на прес-конференција што ја одржа пред ОЈО.
Тој го повика ОЈО веднаш да отвори истрага и да преземе дејства за да обезбеди докази бидејќи, како што рече, можно е нивно бришење, уништување или прикривање, а до вработените во Владата упати апел, како што рече, да се воздржат од дополнителни дејствија со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела.
Владата вчера соопшти дека донела одлука за поништување пет распоредувања на работно место во МВР кои во текот на овој месец ги донел техничкиот министер Чулев, односно дека се работи за три решенија и две наредби:
- решение од 14.02.2020 година со кое Ивана Китановска се распоредува на работно место соработник систем-специјалист во Одделение за заеднички работи во РЦ за ГР Исток во БЈБ;
- решение од 14.02.2020 година со кое Виолета Веселиновска се распоредува на работно место виш инспектор за гранични проверки во РЦ за ГР Исток во БЈБ;
- решение од 06.02.2020 година со кое Александар Матовски се распоредува на работно место полицаец во ПС од ОН Тетово, СВР Tетово во БЈБ;
- наредба од 17.02.2020 година со која Вице Столески од работното место началник на Одделение за информациска безбедност, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавност и стратешки прашања се задолжува да извршува работи и задачи, во Организациони единици за потребите на Министерството;
- наредба од 17.02.2020 година со која Зоран Јанаќијев од работно место Командант на Единица за брзо распоредување се задолжува да извршува работи и задачи во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ.
Во владиното соопштение не се наведени причините поради кои се поништени решенијата.
Ова не е првпат Владата да поништи решенија на Чулев. Пред околу една недела беа поништени 89 решенија за распоредување.
Вчера Чулев го обвини Спасовски дека одобрил набавка на 3 000 чизми кои не исполнувале 4 критериуми за квалитет.
На ова му одговори дополнителната заменик-министерка во МВР Славјанка Петровска која го повика да ја прифати поканата и за ТВ-дуел која била испратена до двајцата и јавно да ги отворат сите прашања кои се нејасни и да ги соочат аргументите.