Решенијата за распоредување на работни места во Министерството за внатрешни работи, кои ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, беа поништени на вчерашната владина седница.
Од Владата информираа дека се поништени 89 решенија за распоредување, но не ги наведоа причините за ваквата одлука.
Претходно, токму прераспределбите во МВР ги ставија во клинч актуелниот технички министер Чулев и неговиот претходник Оливер Спасовски. Чулев го обвини Спасовски дека пред заминување од функцијата министер за внатрешни работи донел повеќе од 2 000 решенија за распоредување на пониски работни места и унапредување.
Според Чулев, во повеќе од 100 предмети биле забележани отстапувања од доследна примена на Законот за внатрешни работи, Колективниот договор и Правилникот за начинот на спроведување на селекција при распоредување, како и унапредување и начинот на остварување на системот на кариера на работниците во МВР.
На ова веднаш реагираше дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, која обвинувањата на Чулев ги оцени како партиско соопштение со лажни информации. Според неа, сите решенија биле согласно потребите на службата и новиот правилник за систематизација на работни места и тврди се издадени во законска постапка.