Инспекцијата на делницата меѓу Драгичево и Горна Дикања каде што се случи трагедијата покажала дека ниту максималната брзина од 120 километри на час ниту незавршеното обележување не се причина за несреќата, а и површината на патот е оценета како прилично добра
Во обраќањето пред новинарите, архитектот Калинов се осврна на дозволената брзина на „Струма“ нагласувајќи дека таа требало да биде до 90 километри на час, но и дека претпоставка е оти автобусот не се движел бргу
Историјата на автопатот „Струма“, каде што се случи автобуската несреќа во која загинаа 45 лица, почнува во 2002 година кога е одобрен техничкиот проект и е дадена градежна дозвола. Максималната дозволена брзина на движење која е поставена во 2007 година е 90 километри на час, а од некоја причина во 2013 границата е поместена на 120 километри на час.
Ова се дел од наодите што денеска ги презентираше министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова, откако беше направена инспекција на делницата меѓу Драгичево и Горна Дикања каде што се случи трагедијата.
Меѓутоа, според нејзините изјави, кревањето на границата за максималната брзина не е причина за несреќата.

„Не можеме да тврдиме дека поставувањето на границата на 120 километри на час е главната причина за несреќата“,
вели Комитова, пренесува БНТ.
Таа вели и дека површината на патот е во прилично добра состојба.
„Наводно, несреќата не била со голема брзина, но избувнал пожар. Имаме многу чуден настан – пожар, што мислам дека е главната причина за жртвите. Немаме објаснување како точно изгоре овој автобус“,
вели Комитова.
Таа констатираше и дека обележувањето на патот не било целосно завршено, односно готова е само централната линија и има задоцнување од шест месеци во обележувањето.
На прес-конференцијата со Комитова присуствуваа и двајца заменици министри во бугарската влада, Валентин Граматиков и Иван Шишков, како и првиот човек на Советот за национална безбедност, архитектот Влади Калинов и професорот Божидар Јанев од Универзитетот Колумбија.
Во обраќањето пред новинарите, Калинов се осврна токму на дозволената брзина, нагласувајќи дека таа требало да биде до 90 километри на час, но и дека претпоставка е оти автобусот не се движел бргу.
„Она што нè загрижува е што во самиот проект попречните свртувања на коловозот се нешто над четири отсто што значи дека брзината треба да биде 90 километри на час. При поголеми брзини возилата свртуваат налево, а во случајот автобусот тргнал надесно, што е предуслов да се претпостави дека автобусот се движел со мала брзина“,
рече Калинов.
Покрај тоа што ограничувањето на брзината не било соодветно, тој зборуваше и за заштитните огради т.н. „рибини опашки“ за кои рече дека е забрането да се користат во 2021 и оти ќе мора при реконструкција да се заменат со нови согласно новите стандарди.
„Овој пат не е автопат“
На прес-конференцијата говорниците зборуваа и за тоа што може да се преземе за подобрување на условите на патот, па како итни мерки наведоа дека треба да се намали брзината на 90 километри на час, за потоа да се направи анализа која е максималната што може да биде дозволена. Втора итна мерка, пак, е поставување рефлектори на секои 10-12 метри во заштитната ограда.
Како среднорочни мерки што ќе се преземат, пак, беше најавена замена на заштитните огради, како и изготвување финансиска оправданост за зафатите што треба да се преземат.
Заменик-министерот Шишков зборуваше дека ќе се потрудат што поскоро да ги завршат сите процедури и патот да биде во функција, но, вели тој, ова не е автопат.
„Не очекувајте дека ова ќе биде автопат. Овој пат никогаш не е проектиран да биде автопат и не ги исполнува условите“,
рече Шишков.
Тој нагласува и дека за да биде автопат не е доволно само патот да биде широк.
„И јас со години се залажувам дека ова е автопат, бидејќи гледам широк пат, пат кон сонце. Но, има барања и стандарди кои не се видливи со голо око, кои овој пат не ги исполнува“,
се согласи министерката Комитова.