Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот „Рекет“, во кој обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Денеска, според најавите, треба да се заврши со изведување на материјалните докази на обвинителството, а од утре да се почне со сослушување на сведоци предложени од одбраната на Јовановски.
Меѓу доказите што денеска треба да се слушаат се очекува да бидат и разговори обезбедени со прислушување на разговорите односно ПИ-мерки.
Во петокот судијката Васка Николовска-Мазнева на почетокот на рочиштето ја исклучи јавноста поради тоа што требаше да се пуштаат снимки што содржат разговори кои, како што рече, би изнеле содржини од приватниот живот на дел од обвинетите. Станува збор за една од снимките кои на УСБ во обвинителството ги предал Зоран Милески-Кичеец кој исто така беше обвинет, но на првото рочиште призна вина и доби затворска казна од три години.
На влегување во судницата, обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 на новинарите им рече дека доцни на рочиштето поради тоа што бил физички нападнат од затворските службеници.
„Доцнам бидејќи ме нападнаа“, им дофрли Боки 13 на новинарите на влегување во судница.
Од затворот во Шутка тогаш рекоа дека Боки 13 одбивал затворската полиција да му стави лисици за спроведување до судот.
„Утринава сум информиран дека Бојан Јовановски давал отпор да му се стават лисици. Ова се првични информации, што точно се случило ќе провериме. Не верувам дека некој го нападнал, седум месеци такво нешто не се случило откако е во притвор“, рече директорот на затворот Есад Рахиќ.
Обвинението за „Рекет“ го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Русковска.
Првообвинетиот Боки 13 се товари за перење пари и други приноси и е во притвор во Шутка од обелоденувањето на случајот. Катица Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба, а на рочиштата ја спроведува полиција од домашен притвор.
Зоран Милески-Кичеец кој, пак, е обвинет за примање награда за противзаконско влијание на првото рочиште призна вина и беше осуден на три години затвор.