Првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека пред доаѓање од истражниот затвор во Шутка до Судот го нападнале затворски службеници.
„Доцнам бидејќи ме нападнаа“, им дофрли Боки 13 на новинарите на влегување во судница.
Од затворот во Шутка велат дека Боки 13 претпладнето одбивал затворската полиција да му стави лисици за спроведување до Судот.
„Утринава сум информиран дека Бојан Јовановски давал отпор да му се стават лисици. Ова се првични информации, што точно се случило ќе провериме. Не верувам дека некој го нападнал, седум месеци такво нешто не се случило откако е во притвор“, вели директорот на затворот Есад Рахиќ.
Рочиштето започна по половина час доцнење. Судијката Васка Николовска-Масевска веднаш ја исклучи јавноста со образложение дека ќе се слушаат разговори од кои може да се загрози приватноста на обвинетите Боки 13 и Катица Јанева, иако и двајцата вчера кажаа дека немаат против снимките да се пуштат пред јавноста.
Македонија