Додека пратеникот на ГРОМ го смета за притисок и појавувањето на Заев во Собранието, од СДСМ велат дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами
Двата спротивставени табора во парламентот си разменуваат обвинувања за притисоци и закани врз пратеници пред седницата в четврток, на чиј дневен ред е прашањето за доверба на Владата, кое се отвора по вторпат во овој собраниски состав, но овој пат по иницијатива на опозицијата, засилена со Беса.
Од СДСМ реагираа денеска дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами, откако пратеникот Љупчо Пренџов од партијата ГРОМ, која е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека „Зоран Заев продолжува со својата пракса да врши невидени притисоци врз пратениците во Собранието, со цел да ја сочува власта“.
Во гостување на Телма, Пренџов ја оцени како притисок врз пратениците и вчерашната средба во парламентот на Заев со спикерот Талат Џафери.
Пратеникот на ГРОМ смета и дека Заев влијаел врз пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, кој, како што рече Пренџов, се потпишал на списокот на недоверба на Владата, за потоа да најави дека се повлекува бидејќи Левица е дел од новото парламентарно мнозинство.
Од СДСМ, пак, велат дека ваквите обвинувања се обид на ВМРО-ДПМНЕ да го оправда „испарувањето на мнозинството“.
„Расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ откако станува јасно дека на Христијан Мицкоски му испарува мнозинството во Собранието, па затоа денеска од ‘белиот дворец’ се обидуваат да најдат алиби во наводни закани кон пратеници.
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Пратеници од опозицијата самите признаваат дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами. Граѓаните не забораваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ и нејзини високи функционери се закануваа кон пратеници кои гласаа за уставните измени и очигледно дека тоа ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи и денес. Пратениците да бидат спокојни, државата, институциите ќе ги заштитат од заканите на ВМРО-ДПМНЕ, обидите за закани и притисоци нема да им успеат“,
Главната владејачка партија вечерва ги собира Извршниот и Централниот одбор, на прв состанок по локалните избори, а во пресрет на собраниската седница в четврток на чиј дневен ред е прашањето за доверба на Владата.
И додека ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците излегуваат со најави дека е можно проширување на „мнозинството“ од 61 пратеник, колку што се потпишани на иницијативата за недоверба на Владата, за што тврдат дека преговараат и со пратеници на СДСМ и на ДУИ, дел од помалите партии од коалицијата на СДСМ јавно соопштуваат дека нема да гласаат за недоверба на Владата и дека нема да соработуваат со партии со анти-НАТО или анти-ЕУ ориентација.