Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го повикал премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, во Собранието, велат од СДСМ откако во јавноста излезе информација дека тој се наоѓа во парламентот на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го повика претседателот на Владата, Зоран Заев, лично да го информира за поставеното прашање за доверба на Владата и за понатамошните деловнички чекори“,
ни одговорија од СДСМ.
Од партијата засега нема информации околу средбата на Заев со Ахмети.
Барањето за гласање недоверба на актуелната Влада попладнево го поднесоа опозициските партии поддржани од Беса откако Заев самиот не ја поднесе оставката до 14:30 часот.
По поднесеното барање од опозицијата, премиерот се огласи преку социјалните мрежи при што наведе и оти верува дека мнозинството пратеници стои зад него.