Иако вечерва има седница на ЦО на СДСМ, прашање е дали Заев сега ќе ја официјализира оставката или тоа ќе го остави за понатаму, за да не ги наруши позициите пред гласањето за „интерпелацијата“ на Владата
Форумите на СДСМ ќе заседаваат вечерва, првпат по локалните избори и по најавената оставка на Зоран Заев од лидерската позиција.
Заев реши да свика седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, два дена пред седницата на Собранието на која неговата влада ќе биде ставена на тест на доверба, по иницијатива на опозицискиот блок, кој е засилен со Беса.
Иако од СДСМ соопштија дека со оставката на Заев на партиската функција во оставка е целото раководство на досега владејачката партија, тој сѐ уште не ја официјализирал оставката.
Партиски извори велат дека оставката, која беше најавена ноќта на 31 октомври – по вториот изборен круг, ќе се смета за поднесена кога Заев за тоа ќе го извести Централниот одбор, по што би почнал да тече рокот од 15 дена за распишување вонредни внатрепартиски избори за нов лидер и за одредување датум за нивно одржување.
Иако вечерва заседава ЦО на СДСМ, според партиски извори, прашање е дали Заев сега ќе ја официјализира оставката или тоа ќе го остави за некоја наредна седница, за да не ги наруши позициите пред гласањето за поставеното прашање за доверба на Владата.
Од СДСМ во изминатите денови информираа дека се водат секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство.
„СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ“,
истакнуваат од партијата.