Кривичен го прифати второто барање на Туфегџиќ за изземање во кое се посочува дека неговата ќерка Ивана била сослушана во својство на оштетена и поднела отштетно побарување
Основниот кривичен суд Скопје го прифати второто барање на судијата Владимир Туфекџиќ за изземање од судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието и на негово место ја назначи судијката Дијана Груевска-Илиевска, која ќе го води предметот заедно со претседателот на судечкиот совет Иле Трпков.
Судот, како што денеска информира претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, првото барање за изземање на судијата Туфекџиќ не било прифатено, но прифатено е второто барање во кое се посочува дека неговата ќерка Ивана била сослушана во својство на оштетена и поднела отштетно побарување. Тој факт, посочи, првично не го знаевме, проверивме и добивме изјава од Обвинителството за организиран криминал и го усвоивме барањето за изземање.
„Во првиот случај барањето за изземање на судијата Туфекџиќ беше одбиено, меѓутоа се појавија други околности кои по соодветна проверка со Обвинителството за организиран криминал упатуваа дека новото барање за изземање е основано и е уважено. За нов член на судечкиот совет е назначена судијката Дијана Груевска- Илиевска. Таа е определена врз основа на три критериуми – стажот на судијата, да биде судија кој има искуство во Одделението за организиран криминал и членот 36 став 6 од Законот за кривична постапка“,
изјави Џолев.
Груевска-Илиевска, како што рече, има 15-годишен стаж како судија, а и работела во Одделението за организиран криминал. Покрај тоа, беше и следен судија на внатрешниот распоред за доделување предмет согласно годишниот распоред на работа, како што го предвидува членот 36 став 6 од Законот за кривична постапка.
Судењето за организаторите на настаните од 27 април треба да почне на 21 февруари годинава.
*Поврзани вести
Трајко Вељаноски – прв претседател на Собранието кому ќе му се суди
На Јанакиески, Ристовски, Вељаноски и Атанасовски ќе им се суди за организација на „27 април“