Пратениците сè уште не го добиле предлогот на Спасовски, но не се исклучува можноста тој да е депониран во собраниската архива и наскоро да биде испратен до претседателот на парламентот Талат Џафери, кој треба да закаже седница
Премиерот Оливер Спасовски до Собранието достави предлог со кој се бара од пратениците да ја разрешат министерката Рашела Мизрахи.
„Одговорноста треба да ја имаме пред граѓаните, државата, нејзината иднина. Ако некој смета дека ситно партиските, тесни, политички интереси се поважни од Македонија и иднината на оваа држава се лаже многу. Јас како претседател на Владата и оваа Влада нема да дозволиме никој да си поигрува со судбината на државата и на граѓаните“,
изјави денеска Спасовски.
Пратениците сè уште не го добиле предлогот на Спасовски, но не се исклучува можноста тој да е депониран во собраниската архива и наскоро да биде испратен до претседателот на парламентот Талат Џафери, кој треба да закаже седница.
Барањето за разрешување следува откако министерката Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името Република Македонија и притоа се правдаше дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.
Но, анализата на „360 степени“ покажа дека фотографиите на кои се повикуваше Мизрахи се објавени пред да стапат во сила уставните измени врз основа на Преспанскиот договор.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров викендов на прес-конференција соопшти дека стигнала протестна нота од Грција откако техничката министерка за труд и социјална политика ја врати таблата со старото уставно име на државата. Според Димитров, Мизрахи ги загрозила и интеграциските процеси на земјата и побара таа да биде разрешена.
Премиерот Оливер Спасовски вчера рече дека ќе разговара со министерката Мизрахи за да се запознае со фактичката состојба, а ако увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните ќе преземе мерки.
Според Уставот, за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница. Одлуката треба да се донесе со најмалку 61 глас.
ОБНОВЕНО:
Од собраниските служби попладнево потврдија дека стигнало барањето на Спасовски да се разреши министерката Мизрахи. Во него пишува дека тој предлага Талат Џафери да го стави на дневен ред разрешувањето на првата наредна седница на Собранието.
*Поврзани вести
Мизрахи: И да бидам казнета, таблата не ја менувам
ДУИ со осуда за Мизрахи, Алијансата бара да биде разрешена, Алтернатива кривично да одговара