Премирот на техничката влада, Оливер Спасовски, најави дека ќе разговара со министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во врска со поставувањето на таблата со поранешното уставно име на државата за да се запознае со фактичката состојба, а ако увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните, ќе преземе мерки.
„Почитувањето на Уставот не е желба на било кого. Можете да искажувате ставови до донесувањето на одлуките, но во услови кога постои Устав, за негово почитување нема дебата. Сакам да поразговараме, да ги увидам фактите, но доколку не наидам на разбирање и не видам дека кај било кој министер националните и државните интереси се во прв план, пред партиските интереси, секако дека ќе преземам други мерки“,
рече Спасовски во изјава дадена денеска во Охрид.
Во врска со овој настан кога на прес-конференција позади себе ја имаше таблата со старото уставно име, Мизрахи тврдеше дека ја наследила од нејзината претходничка Мила Царовска и дека не постои друго пано во Министерството. Како што рече таа, не постои стара и нова, туку само една табла.
„Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика“,
изјави вчера Мизрахи.
*Поврзани вести:
Анализа: За таблата на Мизрахи и на Царовска
Мизрахи тврди дека таблата ја наследила од Царовска, фотографии и Шкријељ ја демантираат
Димитров: Мизрахи да биде разрешена ако не почне да го употребува уставното име (Видео)