Даштевски смета дека се создадени сите предуслови изборите да се одвиваат добро, ама е резервиран во однос на терминалите за читање отпечатоци, затоа што станува збор за новина која немала ни пилот-примена
На локалните избори на 17 октомври, како и во вториот круг на 31 октомври, ќе се применуваат истите мерки за превенција од ковид-19 како на претходните избори. Но, гласањето, како што потврдуваат од ДИК, ќе почне во 7 часот, а ќе заврши во 19 часот, за разлика од ланските предвремени парламентарни избори, за кои гласањето беше продолжено за два часа, односно траеше до 21 часот на 15 јули 2020 година. Тогаш, исто така, изборите практично се спроведуваа во три наместо во два дена, така што на 13 јули гласаа избирачи што се во изолација поради ковид-19.
Овој пат лицата што се во изолација ќе може да го остварат своето избирачко право во своите домови, еден ден пред изборниот термин, односно на 16 октомври, кога треба да гласаат и болните и изнемоштени и лицата кои се во затвор или во притвор.
Гласањето за ланските парламентарни избори, први што се спроведоа според ковид-протоколи, беше регуларно со уредба на тогашната техничка влада, во период кога Собранието беше распуштено и не можеше да се интервенира во Изборниот законик.
Денеска и министерот за здравство Венко Филипче посочи дека во однос на изборниот ден постојат протоколи, исто како што беше и на ланските парламентарни избори.
„Огромен процент од сите тие што се вклучени во целокупниот процес, верувам дека се вакцинирани. Но, и за време на претходните избори, кога сè уште немаше вакцина, запазувајќи ги сите протоколи за спроведување на настани на затворено, немаше некој случај на пренос на вирусот. Така што сметам дека со придржување на тие протоколи, кои се општи протоколи за превенција, целокупниот тој процес ќе биде добро организиран и ќе значи: држење дистанца, неконцентрирање, односно пуштање по еден или двајца граѓани на гласање, исто како што беше организиран и претходниот изборен циклус“,
рече Филипче.
Новина на овие избори се терминалите за идентификација на гласачите. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, денеска посочи дека не може да каже однапред како ќе функционира новиот систем, затоа што немало пилот-примена за да се испроба пред да биде ставен во употреба.
„Може да кажеме дека некои работи предвреме ги завршуваме, дека сите дејствија уредно и навреме се завршени. Дадени се инструкции на ОИК да им се олесни работата и сите наши обврски што сме требале ги завршивме. Сите упатства, правилници, одлуки, обрасци…, што ветува дека добро ќе се одвиваат изборите. Во однос на овој техничкиот дел, повеќе пати сум изјавил дека не можам ништо да кажам, бидејќи е првпат. Не сме имале пилот-примена за да согледаме кои би биле слабостите на тој систем и се надевам дека се ќе биде во ред, но ништо не можам да кажам“,
изјави Даштевски.
Тој вели дека до крајот на неделата треба да се комплетираат договорените 4 000 терминали за отпечатоци од прсти. ДИК денеска прими повеќе од илјада од овие терминали, а веќе е почнато и полнењето со податоци од граѓаните во терминалите што пристигнаа претходно.
„Со денешнава пратка, ќе имаме повеќе од половина од потребните уреди, а до крајот на неделата ќе пристигнат сите, уште две пратки на секои два дена. Во моментот во ДИК трае полнењето на смарт-картичките кое треба да заврши денеска и попладне треба да почне полнењето на апаратите, бидејќи имаме доволно време. Полнењето ќе заврши некаде до 11 октомври“,
рече Даштевски.
Едукацијата на избирачките одбори, како што рече, се одвива добро, но ќе има уште еден циклус обуки за употребата на терминалите, за што е подготвено упатство за работа со нив и изготвено видео.
На денот на изборите ДИК бара да има околу двесте ИТ-инженери кои ќе им помагаат на луѓето што управуваат со опремата. Компанијата која ги испорачува апаратите, исто така, има ангажирано 80 луѓе, кои исто така ќе им помагаат на ИТ-тимот во ДИК и на избирачките одбори.
Заклучениот Избирачки список е веќе даден на печатење, а веќе се печатат и гласачките ливчиња. Даштевски најави дека членови на ДИК најверојатно утре ќе одат да проверат како се одвива печатењето.
Избирачкиот список треба да биде потпишан најдоцна до 1 октомври.