ДИК вечерва го заклучи Избирачкиот список за локалните избори
Вкупно 1 824 864 граѓани имаат право на глас на претстојните локални избори, кога ќе се гласа за нови градоначалници и членови на советите на 80 општини во земјава и градот Скопје.
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва го заклучи Избирачкиот список, согласно член 52 од Изборниот законик и промените/ажурирањата што произлегоа од јавниот увид во податоците на списокот.
Како што соопшти потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во посебните извори од Избирачкиот список за лица кои се на привремена работа или престој во странство се запишани 82 461 гласач, на издржување казна затвор или се во притвор се 1 899 гласачи, во установи за вонсемејно сместување се запишани 351 гласач и во посебниот извод на Избирачкиот список за раселени лица има шест гласачи.
Шеху и членот на ДИК Кренар Лога имаа издвоено мислење т.е. несогласување за општините Чучер-Сандево и Бутел и изјавија дека нема да ги потпишат изводите од списокот за овие две општини.
За утврдување на изгледот и содржината на гласачкото ливче што беше точка од дневниот ред, членовите на ДИК ќе одлучуваат на затворен дел од седницата, како што беше практика и за претходните изборни циклуси.
„ДИК го определува изгледот и содржината на гласачкото ливче, а притоа ги пропишува и соодветните заштити на ливчето, кои се видливи и невидливи. Поради заштита на интергритетот, тајноста и регуларноста на целиот изборен процес, овој дел од седницата е затворен за јавноста“,
рече членот на ДИК Борис Кондарко.