Денешните проценки на раководството на ДЗС се дека веројатно нема да има потреба од продолжување на операцијата, и покрај прекинот од неколку дена поради проблеми со апликацијата
Од Државниот завод за статистика сѐ уште не решиле дали ќе побараат пописот на населението, домаќинствата и становите да биде продолжен за неколку дена, за да се попишат сите преостанати граѓани. Од ДЗС велат за „360 степени“ дека најдоцна до утре ќе проценат дали има потреба да се бара продолжување на пописот, кој според законот што го донесе Собранието треба да заврши во рок од 25 дена, односно да трае до 30 септември. Денешните процени на раководството на ДЗС се дека веројатно нема да има потреба од продолжување на операцијата, и покрај прекинот од неколку дена во почетокот, кој беше образложен со технички проблеми на апликацијата.
Доколку, сепак, се појави потреба да се надоместат деновите во кои немаше попис, ќе мора да се донесат измени во Законот за попис, во период кога веќе е почната кампањата за локалните избори и собранието е на „пауза“ што ја даде спикерот Талат Џафери, за собраниската говорница да не се злоупотребува за политички маркетинг, посебно со оглед на тоа што не е мал бројот на пратеници што се кандидати за градоначалници. Џафери, сепак, вели дека оваа „пауза“ не е законска обврска и дека секако ќе свика пленарна седница, доколку има барање од најмалку 20 пратеници за итно заседание.
„Нема пречки да се свика итна седница, на која би се разгледала можноста за продолжување на пописот. Но треба да се достави предлог од Владата или од група пратеници и да има политички консензус меѓу сите политички партии во Собранието. Непишано правило е Собранието да не работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба да не заседава. Во однос на изјавана директорот на ДЗС дека е можно да биде побарано продолжување на пописот, поради хакерските напади, ова е прашање што треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни провиниенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив“,
истакна денеска Џафери.
Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена, имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.
Пописот 2021 почна на 5 септември. Иако оваа статистика операција вообичаено треба да трае 20 дена, овој пат беше даден дополнителен рок од пет дена, со оглед на очекуваните пречки поради ковид-пандемијата, како и поради тоа што земјава речиси една деценија чека на нови податоци за населението, со оглед на тоа што последниот попис беше спроведен во 2002 година, а стандардите предвидуваат попишувањето да се организира во почетокот на секоја нова декада.
Според последната статистика на ДЗС, до вчера до 20 часот биле попишани близу 1,7 милион граѓани или поточно 1 695 549 лица, 526 605 домаќинства и 752 916 стана.