Полицијата околу американскиот Капитол денеска бројно ги надмина демонстрантите кои дојдоа да ги поддржат лицата на кои им се суди затоа што на 6 јануари насилно влегоа во седиштето на американската демократија во обидот да го запрат потврдувањето на изборната победа на Џо Бајден.
Британските медиуми пренесуваат дека во центарот на американската престолнина денеска се појавија само меѓу 100 и 200 демонстранти, а некои од нив ги носеа знамињата на десничарската група „Три проценти“
Неколку стотици луѓе протестираа во центарот на Вашингтон, во близина на зградата на Конгресот, поради притворање на околу 60 лица и кривичните постапки против неколку стотици граѓани за насилниот упад во Конгресот на 6 јануари.
Стотици полицајци патролираа по улиците околу Капитол за да спречат потенцијално насилство, додека околу самиот Конгрес е подигната ограда висока речиси два и пол метри. Некои од демонстрантите носеа знамињата на десничарската група „Три проценти“, но медиумите оценуваат дека на денешниот протест се појавиле значително помалку луѓе отколку што очекуваа организаторите, објави Гласот на Америка.
Оваа група е именувана по наводниот процент од вкупното население кое успешно се спротивстави на британската власт за време на американската револуција.
Говорниците на собирот повикаа на правда за обвинетите, кои тие ги нарекуваат „неправедно притворени политички затвореници“, и тврдат дека се залагаат за мир, како и за казнување на оние што ги нападнаа полицајците на 6 јануари.
И покрај малиот број демонстранти, страстите повремено зовриваа и имаше спорадични извици и расправии меѓу демонстрантите и контра-демонстрантите.
Собирот во американската престолнина го организираше Мет Бреинард, поранешен стратег на кампањата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Властите издадоа дозвола за собир до 700 луѓе, а полицијата издаде предупредување за можно насилство на собирот, додека Националната гарда стави 100 припадници на готовност за поддршка на полициските сили.
„Имаше некои закани поврзани со насилство“,
рече шефот на полицијата во Капитол, Томас Мангер, пред собирот, најавувајќи можност за одржување контра-собири, но не прецизираше кои други групи можат да се соберат.
Собирот на десничарски групи во Вашингтон предизвикува загриженост кај американската јавност, имајќи го предвид развојот на настаните на 6 јануари 2021 година, на денот кога Конгресот ја потврди победата на актуелниот претседател Џозеф Бајден на претседателските избори.
Во тоа време, неколку стотици поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп дојдоа пред зградата на Капитол, поради наводна изборна кражба на претседателските избори.
Некои од нив упаднаа во Капитол, седницата на Конгресот беше прекината додека протестите не беа протерани и приведени, а пет лица го загубија животот во немирите, повеќе од 100 полицајци беа повредени, а штетата се проценува на еден милион долари.
Стотици луѓе се најдоа на обвинителна клупа под обвинение за учество во немири и насилен упад во Капитол.
Процесот на отповикување беше спроведен против Трамп во Конгресот под обвинение дека тој е организатор на упадот, но неговата вина за тоа не беше утврдена во Сенатот, поради што не беше осуден и отповикан од позицијата на која веќе не беше во тоа време.