„Судот нас нема да ни поверува само на збор, односно на пишување на портал дека тој е забележан после времето кога му е одобрен излезот“, вели обвинителката објаснувајќи зошто барала да се вештачи телефонот со кој е сликан Рашковски
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска вели дека го барала за вештачење мобилниот телефон со кој бил фотографиран поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, на улица во Аеродром во период кога издржува мерка куќен притвор. Меѓутоа, лицето кое ја направило фотографијата не се појавило.
Според нејзиното објаснување, со вештачењето на телефонот обвинителството би можело да докаже дали Рашковски бил надвор од домот во периодот во кој му дозволил судот или не.
„Јас се јавив на вашиот колега што го поседува порталот и побарав лицето што го снимало да дојде во обвинителството за да се изврши форензичко вештачење на телефонот затоа што судот нас нема да ни поверува само на збор, односно на пишување во портал дека тој е забележан после времето кога му е одобрен излезот. Но, не се појави никој, не се ни јавија“,
рече Русковска.
Рашковски се наоѓа во куќен притвор како осомничен во истрагата за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци во периодот кога беше на функцијата генерален секретар, а пред два дена беше објавена фотографија како тој се движи по улица во скопски Аеродром, во близина на СВР Скопје.
„Д.Р. има дозвола од Основниот кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот (освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот) Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена“,
одговорија од МВР за „360 степени“ откако се појави фотографијата.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, вели дека голем број притвореници и осуденици на дневна основа одат на лекар и не се случило никакво бегство, но нагласува дека судот е тој што за секој индивидуално треба да си прави проценка.
„Во однос на господинот Рашковски, ако по одобрение на судот бил на лекар, ние имаме голем број на дневна основа и притвореници и затвореници кои одат на лекар и чие присуство е обезбедено. Така што, ниту се случило некакво бегство ниту некој бил под таква опасност. За другите, како да ви кажам, за секој од овие случаи судот треба да цени и да постапува, исто како и обвинителството и директорите на затворите бидејќи тие се надлежни за обезбедување на овие лица“,
рече Маричиќ коментирајќи го и неодамнешниот случај со Зоран Милески-Кичеец кој направи сообраќајка додека беше на прекин од отслужувањето на затворската казна.
Конкретно за Кичеец, министерот вели дека сега тој ги нема привилегиите од претходно што според него значи дека системот реагирал и функционира.
„Кичеец е веќе на повторно продолжување на извршување на казната затвор во Струга, со одземени сите погодности кои ги има претходно од судот што значи дека нема да биде веќе во можност да направи онаква грешка или онаков случај како што го направи со сообраќајката. Инаку, по моите информации над 30 лица оваа година имаат таков статус – статус на лице кое е во полуотворено или отворено одделение на затворот и истите имаат можност во текот на издржувањето на казната да работат. Меѓутоа, кога ќе се случи ваков случај логично е тие погодности да бидат одземени за да нема опасност од бегство и тоа е направено. Значи системот функционира“,
изјави Маричиќ.