Дозволата е за точно определени денови, а во останатиот период од денот, Рашковски ја почитува мерката за куќен притвор, велат од Министерството за внатрешни работи
Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој се наоѓа во куќен притвор како осомничен во истрага за набавка на софтвер, имал дозвола од судот да се оддалечи од својот дом со цел да добие здравствени услуги, велат од Министерството за внатрешни работи.
На социјалните мрежи, како и на повеќе медиуми, беше објавена фотографија на која се гледа Рашковски како се движи на улица во скопската населба Аеродром, иако треба да е во домашен притвор.
„Д.Р. има дозвола од Основниот кривичен суд Скопје 1 со која поради здравствени потреби му се дозволува да се оддалечи од домот за да оди во точен период од денот да ја добие здравствената услуга. Дозволата е за точно определени денови. Во останатиот период од денот (освен периодот од неколку часа, кој му е дозволен од судот) Д.Р. ја почитува мерката. Конкретно денеска се направени две проверки од полициски службеници на СВР Скопје и Д.Р. ја почитувал мерката која му е изречена“,
велат од МВР во одговор за „360 степени“.
Рашковски се наоѓа во куќен притвор како осомничен во истрага за набавка на софтвер во периодот додека беше генерален секретар. Тој на оваа функција беше во периодот од 2017 до 2020 година.
На почетокот на март годинава „360 степени“ објави сторија дека Драги Рашковски како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци кој ниту некој му го барал ниту, пак, некој го користи. Министерството за внатрешни работи, кое единствено може да казнува во сообраќајот, беше децидно дека не побарале такво нешто од Рашковски ниту имаат намера да го користат тоа што го купил.
Дополнителните новинарски истражувања на „360 степени“ покажаа дека софтверот купен за околу 81 000 евра, всушност, во многу наликува на патент кој Драги Рашковски како иноватор го регистрирал во Државниот завод за индустриска сопственост. Понатаму, откривме и дека софтверот бил платен непосредно пред изборите на 15 јули уште пред да биде тестиран, иако според тендерската документација требало да биде обратно – прво успешен тест, па потоа плаќање.
На новинарските истражувања реагираше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое отвори предистражна постапка на 18 март. По еден месец предистрага, на 16 април Рашковски беше задржан, а против него Обвинителството отвори истражна постапка. Обвинителството бараше затворски притвор, но првично Рашковски доби куќен притвор од Кривичниот суд во Скопје. Дури во втор степен беше одобрено барањето на ОЈО за гонење на организиран криминал Рашковски да се брани од Шутка, поради опасност од влијание врз сведоци.
По речиси еден месец поминати во притвор, Обвинителството кое го води Вилма Русковска отвори уште една истрага против Драги Рашковски. Во своето соопштение до јавноста тие кажаа дека станува збор за уште еден тендер додека бил генерален секретар, но не понудија многу детали. По „трошките“ од соопштението, „360 степени“ откри дека станува збор за јавна набавка на „систем за биометриска идентификација“ со државни пари во 2019 година. Како и во првиот случај, овој систем никој не го барал од Рашковски, никој не го користи ниту, пак, знае каде е. И повторно, тоа што Рашковски го купил како генерален секретар во 2019 година веќе го имал патентирано како изум, овој пат во 2013 година.
Обвинителството сепак не застана таму, туку го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.