Додека тројца функционери на социјалните мрежи ги објавија оставките, од кабинетот на министерот Венко Филипче известија дека тој ќе одржи прес-конференција во 19 часот
Тројца фунционери, двајцата директори од тетовската болница и заменик-министерот за здравство поднесоа оставки преземајќи морална одговорност по трагичната несреќа во модуларната ковид-болница во Тетово во која загинаа 14 лица а 12 се повредени. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави свое обраќање во 19 часот од медија-центарот на Владата.
Неговиот заменик, Илир Хасани објави дека поднел оставка. Во период пократок од еден час, од функциите се повлекоа медицинскиот и економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми.
Заедничко за сите тројца е што во објавите наведуваат дека поднесуваат оставка од морални причини по трагичниот настан во Тетово.
Хасани нагласи дека иако немал никаква врска со процедурите околу формирањето на модуларната болница, поднесува оставка како највисок морален чин.
Директорот Бесими, нагласи дека после ваков трагичен и немил настан, оставката е неизбежна.
„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе поставам морална линија која сите ние како општество ја заборавивме“,
рече Бесими кој наведе и оти очекува во најкус можен рок истрагата да ги открие причините за пожарот.
Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми соопшти дека неговата оставка е чин на преземање морална одговорност и изрази оверување дека истражните органи и меѓународните експерти ќе ја утврдат причината за трагедијата.
Додека тие на социјалните мрежи ги објавија оставките, од кабинетот на министерот Венко Филипче известија дека тој ќе одржи прес-конференција во 19 часот. Во најавата не се наведува причината и темата за прес-конференцијата.
Вчера, праша за тоа дали ќе понесе одговорност, министерот рече дека ќе почека да заврши истрагата, по што ќе реши дали ќе поднесе оставка.
Претседателот Пендаровски во интервјуто за „360 степени“ кое ќе биде емитувано вечерва на ТВ Алсат нагласи дека доколку тој би се нашол во таква ситуација, ќе се соочел со одговорноста и ќе поднесол оставка.