„360 степени“ претходно објави дека во писмото кое Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА) го доставила до институциите во земјава и до претставниците на ДИК се предупредува дека проектот за биометриска идентификација не бил толку успешен во Авганистан и се наведуваат неколку спорни аспекти кои тие ги идентификувале како набљудувачи
Писмото со предупредувањата од Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА) за нивното лошо искуство со германската фирма „Дермалог“, со која ДИК има склучено договор за набавка на апаратите за биометриска идентификација што ќе се користат на локалните избори, е отфрлено како нерелевантно од страна на Бирото за јавни набавки, вели претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој не открива за какви проблеми аламирала оваа организација, која пред да бидат финализирани постапките околу набавката на опремата, до институциите во земјава и до претставници на ДИК испрати писмо со предупредување за тамошното лошо искуство со „Дермалог“.
„Нели ние водевме постапка по јавни набавки, во согласност со законот, имавме Комисија и еднаш ако се сеќавате се случија проблеми во постапката, па ја поништивме првата постапка. Во втората со дозвола од Биро за јавни набавки, беа вклучени три члена на ДИК и останатите од вработените и едно лице кое има сертификат за јавни набавки, значи беше направена на многу повисоко ниво Комисија и тендерот се водеше со сите законски правила кои се предвидени во Законот за јавни набавки и таму имаше извршено управна контрола по завршување на постапката, потоа имаше период за жалби, и тој период заврши, значи се било законски. Тоа писмо, јас како што знам е пратено и таму, во Бирото за јавни набавки и е отфрлено како нешто што не е релевантно“,
вели Александар Даштевски.
Даштевски додава дека компанијата има позитивна референца од овластено изборно тело во Авганистан.
„Ние баравме од нив да ни достават дали имаат позитивна карактеристика, тие ни доставија од Државната изборна комисија таму, дека имаат позитивна карактеристика во секоја смисла – дека апаратите биле добри, добро функционирале итн, гледате и сами што се случува таму во државата“,
вели Даштевски.
„360 степени“ претходно објави дека писмото кое Фондацијата Транспарентни избори во Авганистан (ТЕФА), која ги набљудува изборите во оваа држава, го доставила до институциите во земјава и до претставниците на ДИК е потпишано од Наим Ајубзада, директор на ТЕФА, во кое тој предупредува дека проектот за биометриска идентификација не бил толку успешен во Авганистан и наведува неколку спорни аспекти кои тие ги идентификувале како набљудувачи.
Според нашите извори, директорот на ТЕФА предочил дека имало проблеми со конфигурацијата на позадинските сервери, кои пружале лоша поддршка и имало целосно запирање на консолидацијата на податоците за верификација на гласачите што довело до тоа „Дермалог“ да прати и писмо со извинување.
Уште еден проблем на кој се укажува е тоа што на претседателските избори имало повеќе од 100 000 гласачи за кои не можело да се утврди дали гласале или не на што, како што се тврди во писмото, се должело на лошо дизајнираниот софтвер што, пак, фрлило сомнеж околу веродостојноста на целиот изборен процес.
Во 2018 г. половина од терминалите кои ги набавиле во Аванистан, наводно, не можеле да се користат, бидејќи се јавиле проблеми со софтверот и имало несоодветна обука на учесниците во изборниот процес. Исто така, од ТЕФА предупредуваат и оти германската компанија не обезбедила соодветна теренска поддршка, туку имала само двајца инженери во Независната изборна комисија на Авганистан (ИЕЦ).
Даштевски вели дека опремата од „Дермалог“ ќе стигне кон крајот на следната седмица, иако првично како датум беше најавен 25 август.
Постапката за набавка на апарати за читање и препознавање отпечатоци од прст, следува по партискиот договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно опозицијата се закануваше дека ќе ги бојкотира изборите доколку гласањето не се спроведе со биометриска идентификација на гласачите.
Изборот на „Дермалог“ беше направен по распишување на вториот тендер од ДИК, откако првиот пропадна, официјално, поради грешки во тендерската документација.