Прифатено е барањето за обезбедување помош за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80
Владата на координативен состанок одлучи во земјава да прими околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени, како и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Премиерот Зоран Заев на денешниот координативен состанок ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош е дадено на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, за прифаќање 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

„Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму“,
рекол Заев, информира владината прес-служба.
Министерството за надворешни работи информира дека во овој момент сите македонски граѓани се безбедно евакуирани од Авганистан и дека се очекува многу скоро да пристигнат дома во С Македонија. Министерството за внатрешни работи веќе ја обезбедува сигурноста на македонските државјани, но и на авганистанските државјани кои влегуваат во земјата од хуманитарни причини.
На состанокот од страна на претставниците на Црвениот Крст биле презентирани плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои се очекува да пристигнат во следните денови.

„Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период“,
информира владината прес-служба.
На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.