Од Министерството соопштија дека, во соработка со САД и НАТО, ги повикуваат сите страни во Авганистан да овозможат безбедно напуштање на земјата, посочувајќи дека оние субјекти и организации кои се на позиција на сила и власт во земјата треба да ја носат и одговорноста за заштита на човечките животи
Министерството за надворешни работи соопшти дека, во соработка со САД, како стратешки партнери, како и другите НАТО – сојузници ги повикуваат сите страни во Авганистан да овозможат безбедно напуштање на земјата од страна на заинтересираните странски државјани кои во моментов се наоѓаат таму, како и на жителите на Авганистан кои сакаат да ја напуштат земјата.
„Имајќи ја предвид сериозно влошената безбедносна ситуација во Исламската Република Авганистан, МНР, во соработка со стратешкиот партнер САД, како и останатите НАТО – сојузници, ги повикува сите страни во Авганистан, да го почитуваат и овозможат безбедното напуштање на земјата од страна на заинтересираните странски државјани кои во моментов се наоѓаат таму, како и на жителите на Авганистан кои сакаат да ја напуштат земјата. Оние субјекти и организации кои се на позиција на сила и власт во земјата треба да ја носат и одговорноста за заштита на човечките животи, како и за итно возобновување на безбедноста и стабилноста“,
се наведува во соопштението.
МНР, исто така, посочува дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во Авганистан и да презема чекори во насока на заштита на државјаните на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на земјата.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчерат објави дека остварил контакт со неговиот турски колега Мевљут Чавушоглу, од кого добил уверување дека доколку има потреба ќе помогнат при извлегување на македонските државјани од Авганистан. Од МНР вчера наведоа дека во Авганистан има околу 100 наши државјани, и оти засега сите се на безбедни локации.