Вашингтон по грешка објави нецелосна верзија на веб-страницата на Стејт департментот и таа е отстранета, велат од Амбасадата на САД на прашањето на „360 степени“ – зошто документот не е достапен онлајн
Стејт департментот објави, па повлече извештај, во кој нотираше дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија, но корупцијата е постојан проблем. „360 степени“ праша во Амбасадата на САД во Скопје – зошто документот „го снема“ од веб-страницата на Стејт департментот. Од Амбасадата ни одговорија дека документот е повлечен, затоа што објавената верзија на Извештајот за инвестициската клима во Северна Македонија за 2021 година била нецелосна и неофицијална.
„Извештајот не е објавен официјално. Вашингтон по грешка објави нецелосна верзија на веб-страницата на Стејт департментот и таа е отстранета. Извештајот ќе биде достапен онлајн на или околу 15 јули. Се извинуваме за грешката“,
ни одговорија од Амбасадата на САД, а извинување има и на веб-страницата.

Во документот, кој беше пренесен од многу медиуми во државава, беше наведено дека целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување, погодно за корупција. Стејт департментот, во таа верзија од извештајот, нотираше и дека Владата, генерално, спроведува закони, но има многубројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.