Само во првите седум месеци од годинава се евидентирани 101 случај, што е повеќе од вкупно регистрираните 79 случаи во текот на целата 2025 година
Клиниката за психијатрија во Скопје бележи пораст на бројот на пациенти кои побарале стручна помош поради психолошки последици од семејно или од партнерско насилство. Само во првите седум месеци од годинава се евидентирани 101 случај, што е повеќе од вкупно регистрираните 79 случаи во текот на целата 2025 година.

Ова го покажува анализата на здравствените записи презентирана на денешното предавање „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици врз менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“, одржано во рамките на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 во Охрид.
Професор доктор Славица Арсова од Клиниката за психијатрија вели дека најголем број случаи се регистрирани во март – 27 пациенти, во април 23 и во јуни 21 пациент. Овој период, вели таа, се совпаѓа со случајот во Скопје кога мајка заедно со своето дете скокна од балкон, по претходно претрпено долгогодишно семејно насилство.
Истражувањето опфатило ретроспективен преглед на записите во „Мој термин“ во периодот од јануари 2025 до јули 2026 година, за пациенти со дијагнози кои се однесуваат на растројства поврзани со стрес.
„Податоците треба да се толкуваат како евидентирани медицински случаи и не мора нужно да значат дека семејното насилство во општеството е во пораст. Бројките може да се должат и на подобро препознавање и документирање на случаите, како и на поефикасно упатување на пациентите кон здравствените установи“,
порача д-р Славица Арсова.
Анализираните случаи покажуваат дека последиците од семејното и од партнерското насилство ги погодуваат сите возрасни групи. Просечната возраст на пациентите била 40 години, при што биле евидентирани 19 лица помлади од 18 години и 29 лица постари од 60 години. Жените биле застапени трипати повеќе од мажите.
Податоците на Клиниката се надоврзуваат на статистиката на Министерството за внатрешни работи, според која бројот на пријави за семејно насилство пораснал од 4 421 во 2022 година на 5 436 во 2025 година. Како жртви најчесто биле евидентирани сопруги и поранешни брачни парнери.
