Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните, напиша доктор Горан Кунгуловски на својот профил на Фејсбук.
„Денеска се потврдени 6 случаи (4 во Јавно здравство и 2 во Жан Митрев клиник) позитивни на делта варијантата на SARS-CoV-2.Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50%), а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Wuhan-ски сој“,
вели Кунгуловски.
Тој дава и неколку совети за заштита од новиот сој на ковид-19 како вакцинација и почитување на заштитните мерки.
„За да ги направиме малце полесни овие неколку месеци, треба да знаеме дека:
1. Вакцините се уште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.
2. Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг. За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмиција. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки (на сите ни е преку глава од истите, ама мораме).
3. Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно). Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози“,
пишува Кунгуловски на својот профил на Фејсбук.