Народниот правобранител, Насер Зибери, во краток телефонски разговор за „360 степени“ рече дека денеска е приватно зафатен, бидејќи бил на свадба
Премиерот изрази поддршка преку фејсбук, но не се појави на настанот, како и во 2019 г. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека главниот проблем во државата е што е зголемен бројот на социјални случаи и што нови 50 илјади лица останале без работа, па додаваат дека лицемерно е Владата да зборува за правата на ЛГБТИ заедницата, кога брутално се кршат сите други права
Парадата на гордоста или „Скопје Прајд“ денеска се одржа по втор пат во земјава и преку маршот ЛГБТИ заедницата побара да се забрза носењето на Законот за матична евиденција преку кој трансродовите лица конечно ќе добијат правно признавање на родовиот идентитет. Парадата имаше две цели и прослава и протест под мотото „Вон ѕидовите“, и тие укажаа дека ги заслужуваат човековите права и слободи како и секој граѓанин во општеството.
Поддршка со лично присуство даде шефот на државата, Стево Пендаровски придружуван од неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска, а присуствуваа и министерките за одбрана, за труд и социјална политика, образование и култура, Радмила Шекеринска, Јагода Шахпаска, Мила Царовска и Ирена Стефоска.







„Почит кон различностите. Да не ги стигматизираме и да не ги изолираме луѓето поради нивната сексуална ориентација. Секој има право на избор“,
порача Пендаровски.
Но, она што остави впечаток е дека изостана лично присуство на машкиот дел од владината гарнитура, иако премиерот Зоран Заев пркеу „Фејсбук“ најави дека Владата која ја предводи дава поддршка за каузата која значи еднаквост и во последните четири години слободно се манифестира во општеството, а на јавните простори во Скопје и со организација на „Скопје Прајд“.
„Го делам ставот дека никој не е слободен додека секој еден не се ослободи затоа што нашата заложба за ‘Едно општество за сите’ ќе се реализира целосно кога секој глас ќе биде слушнат и најважно од сѐ – прифатен како еднакво важен со сите други. Манифестираме европски и солидарни манири среде Балкан. Ова е нашиот нов Балкан, слободен, човечки и разновиден. Повикувам здружно да продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас“,
напиша Заев на Фејсбук.
На парадата немаше ниту еден преставник и од владиниот коалициски партнер ДУИ, но изостана присуството и од политички претставници на останатите партии од албанскиот блок.
Со ребрендирањето на ДУИ кон зелена агенда, дел од активистите за права на ЛГБТИ заедницата гледаат и зрак на надеж дека во иднина ДУИ ќе се залага за нивните права, бидејќи зелените партии насекаде во светот се предводници на прогресивните политики, особено за ЛГБТИ заедницата.
„Политичарите треба да предводат, а не само да следат во општествените прилики. Мислам дека отсуствува лидерство во албанските политички партии. Но, можеби сега е зрак на надеж ребрендирањето на ДУИ во зелена партија, бидејќи секаде во светот зелените партии се предводници на прогресивните политики, застапници на прогресот што треба да се случи во едно општество особено за ЛГБТИ луѓето“,
рече активистот Кочо Андоновски во вчерашната дебата на „360 степени“.
Претставници немаше ниту најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, иако во рамките на Собранието имаат петмина пратеници во интерпарламентарната група за поддршка на ЛГБТИ заедницата. Во таа група членуваат пратеници од различни партии, но нема претставник од албанските партии, а координаторка е лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, а заменик координатор е Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ за „360 степени“ велат дека главниот проблем во државата е што е зголемен бројот на социјални случаи и што нови 50 илјади лица останале без работа, па додаваат дека лицемерно е Владата да зборува за правата на ЛГБТИ заедницата, кога брутално се кршат сите други права.
„Само вчера 100 семејства останаа во Штип без леб на масата, затоа што добија отказ во штипска ‘Баргала’. За 10 илјади е зголемен бројот на социјални случаи, а поради Заев нови 50 илјади граѓани останаа без работа. Ете, тоа е главниот проблем во земјава. Во Македонија главниот недостаток е почитувањето на основните и базични човекови права, како правото на правда, слобода, добар живот, висок економски стандард, образование, здравство. Лицемерно е Владата, партијата која брутално ги крши овие права да зборува за правата на ЛГБТИ заедницата. А кога станува збор за тоа, согласно нашата демохристијанска ориентација, ВМРО-ДПМНЕ го нагласува почитувањето и негувањето на семејството. За ВМРО-ДПМНЕ семејството е заедница на еден маж и жена кои споделуваат грижа за децата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Морачанин денеска во рамките на програмата на „Скопје Прајд“ се обрати на јавноста и порача дека е безсмислено е во 21 век да му се оспоруваат правата за нормален достоинствен живот на некој граѓанин или граѓанка.
„И затоа пораката која ја испраќаме на овој ‘Скопје Прајд’ е да се сопре со дискриминацијата врз лицата од ЛГБТ, говорот на омраза и насилствата од омраза, стигматизацијата“,
рече Морачанин.
На денешната Парада на гордоста не беше присутен ниту Народниот правобранител, Насер Зибери, чија обврска е да ги промовира и штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти и дејствија од органите на државната управа. Народниот правобранител има надлежност и обврска да презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на локалните самоуправи и јавните установи и служби.
Омбудсманот Насер Зибери во краток телефонски разговор за „360 степени“ рече дека денеска е приватно зафатен, бидејќи бил на свадба и прашањата за тоа дали некој од неговата Канцеларија присуствувал на Парадата да ги упатиме до неговата заменичка, но оттаму не добивме одговор.

Елена Петровска од коалицијата „Маргини“, која е дел од организацискиот одбор на „Скопје Прајд“ денеска порача дека луѓето од ЛГБТИ заедницата се дел од нашето општество и ги заслужуваат човековите права и слободи како секој граѓанин.
„Месецот на гордоста не враќа малку во минатото, не тера да видиме до каде сме стигнале, каков напредок сме оствариле, како ќе продолжиме понатаму. Здравствената криза на суров начин ни ја покажа системската обесправеност на ранливите луѓе од нашата заедница, трансродовите лица ги остави без најосновите здравствени и социјални услуги и во сиромаштија заради тоа што законот за правното признавање на родот не е сè уште донесен, со месеци и овие луѓе немаат еден единствен личен документ со кој можат да се претстават во институциите“,
рече Петровска.