Американските репортери подоцна изјавија дека руското обезбедување и новинарите ги држеле за рацете и облеката за да ги задржат додека се обидувале да влезат внатре и дека еден американски репортер бил турнат на земја
Почетокот на самитот на претседателите на САД и Русија, Џозеф Бајден и Владимир Путин во Женева, беше одбележан со необично повеќеминутно жестоко туркање и викање меѓу американски и руски новинари и припадници на обезбедувањето.

Организаторите на Самитот во Женева ја отворија сала за состаноци за новинари во вообичаените неколку минути кога на медиумите им е дозволено да снимаат и да постават прашања пред да започнат преговорите.
Но, денеска, руското и американското обезбедување прво ги блокираа новинарите кога се обидоа да влезат во салата за состаноци на местото одредено за медиумите, по што се случи турканицата.
Американските репортери подоцна изјавија дека руското обезбедување и новинарите ги држеле за рацете и облеката за да ги задржат додека се обидувале да влезат внатре и дека еден американски репортер бил турнат на земја.
Пред да се смири ситуацијата, некои од толпата викаа дека биле згмечени во турканицата.
Бајден и Путин во прв момент стоеја пред медиумите, но потоа почнаа да се смејат на сцените.

Бајден и Путин се среќаваат во Женева на првите разговори од доаѓањето на американскиот претседател на функцијата. Средбата е во услови на најзатегнати односи меѓу Русија и САД од Студената војна.
US President Joe Biden and his Russian counterpart Vladimir Putin just took their first photo and shook hands before holding their meeting Wednesday at a high-stakes summit in Geneva https://t.co/QQ0eWcpjOp pic.twitter.com/zKUnnAd01A
— CNN (@CNN) June 16, 2021
Според агендата, тие ќе разговараат за многу прашања – од контролата на оружјето и компјутерскиот криминал до пандемијата и дипломатските односи меѓу Москва и Вашингтон.
Бајден и Путин истакнаа дека денешната средба во живо ќе биде важна за да се обидат заеднички да работат на стабилизирање на односите.
Досега е завршен првиот круг од вкупно трите дела од состанокот, на кој присуствуваа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и двајца преведувачи.

Планирани се две пошироки состаноци за попладне, кога на двајцата лидери ќе им се придружат асистенти и толкувачи.
Од американска страна, на продолжениот состанок треба да бидат присутни Блинкен, советникот за национална безбедност Џејк Саливан, заменик-државниот секретар за политички прашања Викторија Нуланд, американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан и експертите на Советот за национална безбедност Ерик Грин и Стергос Калудис.
Во руската делегација се Лавров, советникот за надворешни работи на Путин, Јуриј Ушаков, заменикот на Лавров, Сергеј Рјабков, началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валери Герасимов, рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, како и пратениците на Кремљ за Украина и Сирија и портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
Вкупно, Самитот се очекува да трае четири до пет часа, по што лидерите ќе одржат одделни прес-конференции.