Состојбата со ковид-19 е стабилна во градинките, со само еден заболен вработен и ниту едно заразено дете во изминатиов период, вели министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Во комуникација со Комисијата за заразни болести се размислува за целосно отворање на групите и укинување на протоколите. Шахпаска не прецизира кога би се случило тоа бидејќи, како што рече, зависи од епидемиолошката состојба.
„Претпазливо одиме во целиот овој процес бидејќи се работи за најмладите и ќе правиме проценка кога би можеле да ги отвориме групите комплетно како во претходниот период. Имаше измена во протоколите за време на годишните одмори, да можат да се спојуваат децата од 2 до 6 години во иста група за да можат вработените да ги користат одморите“,
изјави Шахпаска.
Минатиот месец, како дел од олабавувањето на рестриктивните мерки, Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб, дозволи зголемување на групите во градинките од 15 на 20 деца.
Министерката Шахпаска заедно со премиерот Заев денеска ја отвори новата градинка во Општина Шуто Оризари, која беше изградена со финансиска помош на Норвешката амбасада. МТСП учествуваше во опремување на градинката во вредност од 6,5 милиони денари, додека градежните активности се реализираа со 1,5 милион долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП. Градинката „8 Aприл“ ќе има капацитет да згрижи 306 деца, од кои 236 деца од две до шест години, а 70 во јасли.

