Ова е семејната куќа на Горан Пандев. Два часа пред старт на мечот со Австрија „360 степени“ стигна дома кај него. Неговиот татко Ристо, за кого немаше место на трибините во Букурешт со другите членови на семејството, се согласи заедно да го гледаме првиот натпревар на Европско фудбалско првенство и за неговиот син и за македонската репрезентација. А освен што е дом, куќата на Пандеви е и своевиден музеј на капитенот на репрезентацијата.

„За мене нешто посебно е оваа фудбалска топка. Тоа беше во 2007 година, Лацио кога играше во Лига на шампиони, кога Горан ги постигна двата убави гола против Реал Мадрид. Баш бев на стадион. Тоа е прекрасно нешто“,
се сеќава неговиот татко.
Ристо Пандев активно ги архивира сите записи за неговиот син уште од далечната 2000 година.
„Дома си земав редовно и ако најдам од некои месечни списанија или неделните, знам дека има земам и од нив купувам“,
вели Ристо.

Сепак, настапот на европското првенство е посебен настан за Ристо.
„Чувството да се стигне на едно европско првенство какво може да биде. Горди, убаво е“,
вели Ристо.

Таткото на Пандев обично ги следи важните натпревари на Пандев на стадион, како оние од Лигата на шампионите. Кога е дома, вели, сака да гледа сам.
„Тоа го правам од мал кога беше Горан, од неговите почетоци, ако треба нешто да му укажеш, тоа не беше добро, на пример, но тој секогаш од сите нас најдобро знаел дури и повеќе. Тоа е бидејќи сакам да го гледам Горан како игра. Да не ми смета некој, бидејќи со друштво знаеш како е. Гужва е, фан зони, сите викаат“,
вели таткото на Пандев.
Но вчера Ристо направи исклучок. Ја прифати поканата натпреварот да го гледа во ресторан. Од дома Ристо тргна со првиот автомобилот што сам го купил Горан. Во ресторанот го пречекаа неговите пријатели, членови на „Академија Пандев“, но и многубројни навивачи.
Во првиот половина час од натпреварот емоциите се менуваа. Од загриженост, кога во 18-та минута Македонија прими гол.
До еуфорија десет минути подоцна кога токму Горан Пандев го изедначи резултатот.

Ристо Пандев не ја коментираше играта по првото полувреме. Неговиот близок пријател, Лазар Георгиев, беше оптимист.

„Секој пат ќе бидеме учесници, бидејќи репрезентацијата има еден дух, една фамилија се направи и тој победнички дух тешко да се напушти. Тоа чувство како навивач и како граѓанин на С Македонија го имам. Пандев ќе остави многу добри впечатоци за сите наредни генерации како треба да се однесуваат кон државниот грб и како се игра“,
вели пријателот на Ристо, Лазар Ѓоргиев.
Атмосферата се смени во второто полувреме. Во многу поотворениот фудбал и од двете страни, се редеа воздишки од навивачите на пропуштените шанси. Надежите за добар резултат спласнаа по новото водство на Австрија, а уште повеќе по третиот примен гол. Но, и покрај поразот, за навивачите ништо не е изгубено.

„Од следниот натпревар очекуваме малку поголема ангажираност посебно на средниот ред“.
„Ние реално очекуваме победа од следните два натпревари бидејќи вечерва со Австрија изигравме добро и мислам дека ќе ги победиме и Холандија и Украина“.
„Апсолутно се согласувам со мојот другар, се надевам на добар резултат се надевам дека ќе ги победиме Украинците, со Холандија барем нерешено“.
„Нормално да се очекува дека може да поминеме меѓутоа тешко. Како и да е фудбалски е да се надеваме и имаме шанса секако“,
рекоа дел од навивачите.