Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска ги донел во Собранието дописите од Катица Јанева додека таа беше во притвор, со кои предметите на СЈО беа префрлени во редовното обвинителство. Но шефот на обвинителството, објави порталот СДК.МК, не стигнал и да ги презентира затоа што не добил збор од народните избраници на вториот ден од јавната расправа за предлог-законот за јавното обвинителство.
„Точно е дека ги носев писмата од комуникацијата со Јанева во врска со предметите што се водеа во СЈО и имав намера да ги образложам пред пратениците, бидејќи бев повикан. Едното писмо е копија од оригиналот што е во СЈО, а тоа е адресирано од Јанева до јавните обвинители во Специјалното, сите внатре наведени по име и презиме. Со него таа ги овластува да ги предадат сите предмети на Државниот јавен обвинител за натамошно постапување. Другото писмо е од 6.9.2019 година со кое таа ме овластува мене сите предистраги, истраги и обвиненија да ги преземам и распределам кај обвинители за натамошно постапување со нив“,
изјави Јовески за порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.
Јовески ги донел писмата во Собранието откако вчера група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и осомничениот во истрагата „Моќник“ Антонијо Милошоски, му приредија герила акција.

Додека обвинителот се обраќаше од говорницата во салата „Борис Трајковски“ во Собранието, пратениците Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска и Горан Манојлоски од галеријата каде што се сместени новинарите развеаја транспарент.
„Господине Јовески, до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба (член 60, Закон за ЈО)“, пишуваше на платното.

Кирацовски им се извини на гостите и сакаше да даде пауза, а обвинителот Јовески прокоментира дека не му пречи герила-акцијата.
За кратко, откако и Кирацовски побара собраниските служби да реагираат, транспарентот беше отстранет.
Расправата продолжи без пауза, веднаш откако тројцата опозициски пратеници ја напуштија салата.