Поранешниот министер во својата одбрана се повика и на сведочењето на премиерот Зоран Заев, кој кажа дека не верува оти обвинетите лица се организатори, туку дека биле изманипулирани од Никола Груевски
Покрај ексминистерот, денеска одбрана даваше и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој, меѓу другото, зборуваше дека во врска со тогашните протести во МВР имало оперативна операција „Платформа“ и оти присуствувал само на два состанока во врска со оваа операција на кои кажал три критични датуми
Поранешниот министер за транспорт и врски во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески, вели дека е подготвен јавно да седне на полиграф за да докаже дека ја говори вистината за настаните од 27 април 2017 година, односно дека не го познава Александар Василевски-Нинџа, кој во своето сведочење кажа дека бившиот функционер критичниот ден бил на 8. кат во белата палата од каде што се координирале активностите.
Во одбраната што денеска ја даваше како еден од обвинетите за организацијата на крвавиот четврток, Јанакиески тврдеше дека првпат го видел Нинџа кога го донеле да сведочи во судница.
„Во период 2016-2017 година не сум извршувал никаква државна функција. Од мај 2015 година не сум извршувал каква било државна функција. Лицето Александар Василевски-Нинџа, одговорно тврдам, дека првпат во живо го видов во оваа сала кога сведочеше, тоа беше првпат со тоа лице да бидам во една просторија. Од мене има 45 илјади незаконски прислушувани разговори. Јас сум нелегално најприслушуваното лице во државата. Листинзите му се достапни на обвинителството и ниту еднаш со ова лице не сум разговарал или разменил порака“,
рече Јанакиески, пренесе МИА.
Ексминистерот се повика и на сведочењето на премиерот Зоран Заев, кој кажа дека не верува оти обвинетите лица се организатори туку дека биле изманипулирани од Никола Груевски.
„Дека Александар Василевски-Нинџа не ја говори вистината сведочеа и актуелниот претседател на Владата, поранешен претседател на државата и многу други функционери. Јас за овој немил настан кој никогаш не смее да се повтори, пред Бог, пред себеси и најважно пред моето семејство сум чист и со ништо не сум придонесел да се случат немилите настани од 27 април“,
рече Јанакиески.
Тој се потсети и на критичниот ден и, според неговата страна на приказната, на 27 април 2017 година се подготвувал да оди во обвинителството за да даде исказ за еден од случаите за кои тогаш СЈО отвори истрага.
„Тој период и сега најголемиот дел од денот го поминувам во контакт со адвокати во разговори за креирање на мојата одбрана. На 27 април требаше да дадам исказ во обвинителство за случајот, ТНТ. Од 2015 година сум под мерки, а веќе 2 години и 8 месеци сум во притвор. Лесно е да се утврди со кој сум имал контакт“,
кажа Јанакиески.
Ексдиректорот на УБК тврди дека на состаноците во МВР кажал три критични датуми
По ексминистерот, денеска одбрана даваше и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој исто така е еден од обвинетите. Тој рече оти не може да разбере за што е обвинет и дека УБК постапувала согласно закон.
„УБК постапуваше согласно законската регулатива. Активностите се состоеја во оперативни сознанија и решенија на Врховниот суд на РСМ. Спротивно на закон не сум издал никаква наредба. За секое непрофесионално постапување на вработените во УБК сум преземал мерки. За секое мое постапување постои доказ во институцијата“
рече Атанасовски, пренесе МИА.
Тој зборуваше дека во врска со тогашните протести имало оперативна операција „Платформа“, која била планирала од тогашниот министер Агим Нухиу и оти присуствувал само на два состанока во врска со оваа операција на кои кажал три критични датуми.
„Не сакам да изнесам нешто друго заради класифицирани информации. Оперативна операција ’Платформа‘ беше планирана од Агим Нухиу. На ова акција сум присуствувал на два состаноци. Првиот пат дадов анализа за критични настани, исто и на вториот состанок. Од моја страна како директор беа изложени три критични датуми. Согласно законот, УБК постапува за заштита на државни интереси“,
кажа Атанасовски.
По Нухиу, рече тој во дел од сведочењето, го брифирал за можен упад во Собранието.
„Жалам за настанот. Недопустливо е на ваков начин да се влезе во законодавниот дом. Како директор сум го брифирал Агим Нухиу дека може да дојде до насилен упад во Собранието“,
наведе Атанасовски.
Со Јанакиевски и Атанасовски, на обвинителна клупа седат и поранешниот министер Спиро Ристовски и бившиот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Ристовски даде одбрана претходно на денешното рочиште, додека Вељаноски тоа го стори на минатото рочиште.
Со ова судскиот процес влегува во својата завршница.
Сите обвинети се товарат за терористичко загрозување на уставниот поред и безбедноста. Со нив во истрагата беа опфатени и експремиерот Никола Груевски и бившиот разузнавач Никола Бошковски, меѓутоа тие се во бегство и ќе станат обвинет кога ќе бидат достапни за органите на прогонот.
