Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, по денешното сведочење на премиерот Зоран Заев во предметот познат како „Организаторите на 27 април“, порача дека тој е сведок, а не вештак за да дава мислење кој се организаторите.
Нејзината изјава се однесува на исказот на Заев во судница во кој тој рече дека смета оти ексспикерот Трајко Вељаноски и бившите министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не се организатори на „крвавиот четврток“, туку биле изманипулирани од Никола Груевски.
„Премиерот беше викнат во својство на сведок, не на вешто лице да дава свое мислење. Не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се согласувам со изјавата дека биле изманипулирани. Обвинетите не се малолетни лица за да може кој било да ги изманипулира, особено што долги години беа на највисоките функции во државата“,
рече обвинителката Русковска.
Таа вели дека не е изненадена од ваквиот исказ.
„По толку години во судница, ретко може нешто да ме изненади“,
рече обвинителката која додаде дека се надева оти судот ќе ги цени материјалните докази и на Обвинителството и на одбраната и ќе донесе правилна и законита одлука.
Заев денеска сведочеше на предлог на одбраната, а во неговото сведочење, како што пренесе МИА, изнесе и став дека на обвинетите не е коректно да им се суди за толку тешко кривично дело – загрозување на уставниот поредок и безбедноста.