Работиме на градење доверба со Бугарија и паралелно на предлогот на португалското претседателство со ЕУ, вели шефот на дипломатијата
Пристапот на актуелната бугарска влада е конструктивен, посебно во создавање на довербата и во реториката и во чекорите. Сакам да ја охрабрам таа конструктивност и да одговорам на таа конструктивност со наша конструктивност и се надевам дека во наредните денови и недели ќе правиме чекори кон враќање на довербата, изјави денеска министерот за надворешни Бујар Османи, по настанот организиран во пресрет на „Преспа форум“ – дијалогот.
„Формално – правно нема никаква пречка Бугарија да дозволи организирање на меѓувладина конференција, врз основа на веќе донесена политичка одлука од март. Не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните, бидејќи во неколку наврати бевме сведоци дека овој процес се покажа како мошне комплексен. Јуни е најдобриот прозорец на можности можеби во наредните две години и целата енергија и сите карти ги ставаме на јуни како можност за надминување на оваа блокада, која е наметната“,
изјави Османи, одговарајќи до каде е процесот на разговори со Бугарија.
Шефот на дипломатијата потенцира дека се работи со бугарската страна на градење доверба, но оти паралелно се разговара и за предлогот на португалското претседателство на ЕУ.
„Кое било решение може да се најде само во услови на вратена доверба помеѓу страните. Довербата е како мозаик, треба камче по камче да ја изградите. Мислам дека тој процес го почнавме сериозно во последните денови и планираме во наредниот период, а посебно во наредните две – три недели, да ја изградиме таа доверба со мали и големи чекори кои беа пропуштени во изминатиот период поради многу причини. Паралелно работиме со нашите пријатели во рамки на предлогот на португалското претседателството за што се разговара на повеќе форуми“,
рече министерот за надворешни работи.
Потсети дека предлогот на португалското претседателство веќе го оценивме како добра основа за надминување на разликите, бидејќи ги зема предвид, како што рече, сензитивностите на сите страни – нашата страна, бугарската страна, но и земјите – членки кои не прифаќаат билатерализација на преговарачкиот процес.
„Оттука сметам дека португалското решение, иако не беше под црвените линии, во ниту еден момент не ги премина тие позиции на трите страни во случајов за да може да биде отфрлен како решение. Работиме со португалското претседателство, билатерално со Бугарија, но и со земјите – членки, за да се искористи овој период од неколку недели за тоа решение да се претвори во конечно за надминување на разликите помеѓу нашите две држави“,
потенцира Османи.