Бугарскиот претседател најави донација од „значително количество“ вакцини за нашата земја
Претседателот на Италија, Серџо Матарела, е целосно солидарен со нашиот став за пристапување на Република Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија, изјави шефот на бугарската држава Румен Радев по средбата во Рим со неговиот италијански колега.
„Сите сакаме да ги видиме овие земји на нивниот европски пат што е можно поскоро. Јас многу јасно ја објаснив бугарската позиција дека ќе напредуваме кога самите земји ќе покажат јасно и неповратно дека ги исполнуваат критериумите“,
рече Радев.
Како што јави БГНЕС, тој нагласи дека во моментов бугарската влада работи заедно со Владата на Северна Македонија и дека наскоро Бугарија ќе донира „значително количество “ вакцини за земјава.
Радев потенцира дека со македонскиот претседател Стево Пендаровски, со кого заедно отпатуваа во Рим, разгледувале идеја да се поканат ученици и студенти од земјава да минат дел од одморот заедно со деца од Бугарија.
„Ако успееме да го постигнеме тоа, ќе се направи најважниот чекор за надминување на децениска пропаганда со инсинуации и спротивставувања меѓу двете држави. Ако ги собереме нашите млади луѓе заедно, сигурен сум дека тоа ќе неутрализира какви било пропаганди“,
нагласи Радев.