Не ни треба преведувач, рече бугарскиот претседател во заедничката изјава со македонскиот колега кој, пак, изрази надеж дека претстојат многу подобри денови во односите меѓу двете земји
Бугарија е подготвена да работи на градење мостови меѓу двете земји, за развивање на економските, образовните, трговските и културните врски и, најважното, за зближување на двата народа, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој заедно со македонскиот претседател Стево Пендаровски е во Рим по повод чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Тој повтори дека нема потреба од европски посредници меѓу двете земји.
„Нема потреба европска земја да се вклучи, ќе ни треба преведувач. Зошто ни е преведувач“,
рече Радев.
Тој посочи дека со Пендаровски се наоѓаат на свето место во Рим, каде што биле осветени книгите на светите браќа Кирил и Методиј. Тоа, како што рече, е исклучително силен знак, за како претседатели на С Македонија и на Бугарија да испратат јасна порака до своите сограѓани за соработка, доверба, пријателство.
„Делото на Кирил и Методиј, кое не се слави само на нашите простори, туку многу пошироко, е пример како еден решителен чекор кон образование и писменост станува светост за словенските народи, која нѐ поврзува со векови. Тоа нѐ обврзува да ги искористиме сите можности и патишта за наоѓање решение и за најсложените прашања. Бугарија е подготвена да работи за воспоставување мостови меѓу нашите две страни“,
изјави Радев во Рим.
Зборувајќи за делото на Кирил и Методиј, Пендаровски нагласи дека не е случајно што денеска се тука со Радев.
„Не е случајно затоа што сакаме да кажеме дека и на Балканот има политичари кои можат да зборуваат со европски јазик кога зборуваат за нашите актуелни проблеми и предизвици и, се разбира, за нашата иднина. Во колегата Радев овие два дена најдов соговорник со кој можеме да разговараме на ист јазик, не зборувам за македонскиот и бугарскиот јазик, зборувам за европскиот јазик кој единствено може да донесе подобра и посреќна иднина за нашите две држави и нашите два народи. Се надевам дека оваа традиција да го чествуваме делото на свети Кирил и Методиј на највисоко политичко ниво ќе ја продолжиме и понатаму“,
рече Пендаровски.
Се разбира, додаде македонскиот претседател, тоа нема да биде доволно, туку е неопходна соработка на сите нивоа, од локална самоуправа до централните влади во Скопје и во Софија.
„Ова е една нова динамика во нашите билатерални односи, да биде преземена, одржана и продолжена. Се надевам дека во месеците што се пред нас, и пред Северна Македонија и пред Бугарија, стојат многу подобри денови. Ако барате од мене да издвојам една единствена порака од она што се случуваше изминатите два дена, освен чествувањето, е да покажеме дека напредок во развојот на сечиј народ и држава е можно само ако во дијалог влегуваат двајца рамноправни соговорници, без потценување и натценување“,
рече Пендаровски.