Иако Џафери ѝ сугерираше на ВМРО-ДПМНЕ дека треба да поднесе нови интерпелации, затоа што овие ги повлекла, на крајот тој, сепак, ги ставил двете точки во агендата на новата седница
Интерпелациите за вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски и за министерот за правда Бојан Маричиќ, кои ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе во почетокот на февруари годинава, се вратени на дневниот ред на собраниската седница што почнува денеска.
Меѓу близу 70 точки на дневниот ред на 41. седница, се и двете интерпелации што ВМРО-ДПМНЕ ги повлече кога требаше да се гласаат законите од петтиот пакет антикризни мерки, согласно со договорот што тогаш го постигнаа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Иако потоа спикерот Талат Џафери ѝ сугерираше на опозицијата дека треба да поднесе нови интерпелации, затоа што овие ги повлекла, на крајот тој, сепак, ги вратил двете точки во агендата на новата седница.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека интерпелациите се вратени затоа што биле повлечени пред усвојувањето на дневниот ред на 36. седница, односно не биле дел од официјалниот дневен ред. Затоа координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, само испратил допис до Џафери дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека интерпелациите се редовно поднесени и дека, согласно со Деловникот, тие треба да бидат ставени на дневен ред на првата наредна седница.
Двете интерпелации ќе бидат разгледувани посебно, за што расправата ќе трае по еден ден.
Причина за поднесување на интерпелациите беше 111. место на Северна Македонија на листата за перцепција на корупција на „Транспаренси“.