По завршувањето на конгресот, се очекува да бидат соопштени имињата на новите членови на раководството на партијата, вклучувајќи го и заменик-претседателот на СДСМ, кој треба да биде избран на местото на Радмила Шекеринска
Лидерот на СДСМ Зоран Заев кој предмалку го отвори 26 Конгрес, под мотото „Нова политика, СДСМ прво во промените“, во својот говор пред сопартијците порача дека партијата е успешна и носи државнички успеси на земјата. Рече дека пред четири години наследиле опустошена и осиромашена држава, а СДСМ настапил со чесна понуда и со концепт за враќање на парите кај граѓаните.
Заев се пофали дека ги покачиле платите, пензиите, социјалната помош, ја укинале радиодифузната такса, обезбедиле поврат на дел од ДДВ, креирале мерки за помош за излез од ковид-кризата…
„11 години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни последици. Државата беше осиромашена и изолирана, а слободата и демократијата комплетно погазени..За мене немало мирен мандат, немало мирно море, не сум го ни очекувал тоа. имало само постојана битка за доброто на нашиот народ. Ние од почетокот се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, и на внатрешен план, од првиот ден кога почнавме да ја водиме Владата, ние сме соочени со целосно деструктивно водство на опозицијата, со истата режимска матрица која прави се` за да ги спречува реформите…„Преку храброст, визија и одлучност го решивме спорот со Грција и денес нашиот сосед е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници. Ја обезбедивме сигурната иднина на државата и народот, и го потврдивме македонскиот идентитет заедно со македонскиот јазик…“
истакна Заев.
Партискиот лидер рече дека денеска ќе предложат 120 кандидати за членови на Централниот одбор и девет членови за Надзорниот одбор на партијата. Вели дека повеќе од две третини од кандидатите се нови членови.
„Од 120 кандидати- 60 се жени, а 60 се мажи, а 45 се млади. Покрај целосна еднаква застапеност на жените и младите имаме и 37,5 отсто застапеност на младите. Повеќе од две третини се нови членови на Централнот и Надзорниот одбор. За прв пат организиравме и внатрепартиски непосредни изброи за претседател на партијата со што поставивме нови стандарди. Воведовме етички кодекс и нов мерит систем за успешноста на секој функционер…
Заев рече дека новата политика на СДСМ ќе се темели на 5 столбови – обнова на кадровската понуда, но без откажување од претходните кадри, ангажирање на сите капацитети за борба против корупцијата, почитување на различно мислење, градење на СДСМ за новото време, подигнување на мотивацијата на граѓаните.
На крајот од воведниот говор на Конгресот, партискиот лидер се заблагодари на досегашното раководство на партијата за како што рече, успесите што и ги донелo на партијата, посочувајќи ја и неговата заменичка Радмила Шеќеринска, која претходно најави дека се повлекува од функцијата заменик-претседател на СДСМ.
„Благодарност до мојата другарка Радмила што беше моја заменичка во најтешките години кога земјата ја извадовме на прав пат. Продолжуваме заедно пред нас се нови успеси, успеавме досега, а сега имаме нова обврска – повторно да успееме за граѓаните, за државата, за иднината“,
порача Заев.
По завршувањето на конгресот, се очекува да бидат соопштени имињата на новите членови на раководството на партијата, вклучувајќи го и заменик-претседателот на СДСМ, кој треба да биде избран на местото на Радмила Шекеринска.