Еден од главните аргументи на судиите Кацарска, Маркудова, Ајдари и претседателот Мурати е дека Уставниот суд во друг предмет ја разгледувал истата законска одредба, во февруари годинава, и тогаш одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност, за еден месец подоцна да биде донесена спротивна одлука
Четворица од вкупно девет членови на Уставниот суд објавија издвоено мислење во врска со одлуката што ја изгласаа другите петмина судии за покренување постапка за оценување на уставноста на член 163 став 3 Законот за банки, по иницијатива на дел од штедачите на Еуростандард банка.
Освен актуелниот претседател на судот, Сали Мурати, издвоеното мислење го потпишаа и новата уставна судијка Добрила Кацарска, како и судиите Вангелина Маркудова и Насер Ајдари. Еден од нивните главни аргументи е дека Уставниот суд во друг предмет ја разгледувал истата одредба од Законот за банки, во февруари годинава, и тогаш, со мнозинство гласови, одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност. Меѓутоа, еден месец подоцна, постапувајќи по друга иницијатива за оспорување на уставноста на истата одредба од Законот за банките, со, како што се наведува, речиси идентични наводи и причини за оспорување, судот, исто како и минатиот пат, со мнозинство гласови, донесе сосема спротивна одлука – да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност.
„Мора да се укаже дека во вакви случаи, судот има пракса да ги отфрла инцијативите поради претходно пресудена работа – res iudicata, а врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот.Овој правен основ произлегува од темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и правната сигурност како нејзин составен елемент и членот 112 став 3 од Уставот, според кој одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.Имено, ставот на судот по однос на уставноста на одредена одредба треба да биде траен, постојан и конзистентен, со цел доносителите на пониските норми при регулирањето на истите ситуации да пропишат соодветни норми во согласност со ставовите на Судот преку кои се толкува и штити уставноста. Ваквите ставови се од значење и за адресатите (оние на кои се однесува нормата) кои ќе можат да бараат соодветно регулирање, повторно според сфаќањето на судот“,
се наведува во издвоеното мислење.
Судиите посочуваат дека, сепак, постои можност судот да го промени својот претходен став, но, како што посочува, вотаков случај мнозинството имаше обврска да ѝ образложи на јавноста од што се раководеше кога го промени ставот за така краток временски период, без притоа да биде променета фактичката и правна состојба, односно да ги соопшти основите за поинакво одлучување во еден толку краток период.

За судот e спорно тоа што оспорената одредба предвидува побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити да се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители, при што одредбата се истолкува како одредба која создавала нееднаквост помеѓу физичките лица чии депозити се осигурани и Фондот како приоритетен побарувач наспрема физичките лица со депозит поголем од 30.000 евра и правните лица кои не ги осигуруваат своите парични средства во банките.
Четворицата судии посочуваат дека за Судот e спорно тоа што оспорената одредба предвидува побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити да се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители, при што одредбата се истолкува како одредба која создавала нееднаквост помеѓу физичките лица чии депозити се осигурани и Фондот како приоритетен побарувач наспрема физичките лица со депозит поголем од 30.000 евра и правните лица кои не ги осигуруваат своите парични средства во банките. Ваквиот став на Судот, според потписниците на издвоеното мислење, е спорен поради повеќе моменти:
- Членот 9 од Уставот е одредба која гарантира еднаква правна положба на граѓаните пред Уставот и законите. Значи тоа е уставна одредба за еднаквост на граѓаните и истата не може да се толкува и како уставна гарантираност на еднаквост на правните лица со граѓаните;
- Во долгогодишната уставно-судска практика граѓаните и правните лица никогаш не добиле третман на еднакви пред Уставот и законите од едноставна причина што според начинот на функционирање и дејствување во правните односи тие не се еднакви и за нив најчесто регулативата, со правно оправдана и издржана причина, се разликува.
- Фондот за осигурување депозити, како специфично правно лице, специјализирана финансиска институција е основан со Закон и е во сопственост на Република Северна Македонија. Ова правно лице не врши трговска дејност, не остварува профит од каде во никој случај не е исто што и кое било трговско друштво, трговец поединец или друго правно лице. Значи во решението со кое не се согласуваме се прифаќа еднаквост помеѓу Фондот, значи државата со кое било правно лице кое немало законска можност да го осигура своето работење во која било банка или штедилница, само затоа што со нападнатата одредба Фондот е предвиден како приоритетен побарувач во стечајната постапка, како и со физичките лица со штедни влогови поголеми од 30.000 евра.
- Решението за поведување постапка алудира на заштита на слободата на пазарот и претприемништвото (член 55 од Уставот) што е уставно проблематично. Стечајот на одредена банка е само несреќна околност која го попречува правното лице, без негова вина и придонес, да продолжи да стопанисува и создава капитал на вообичаен и очекуван начин.
- Тоа што одредбата предвидува побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити да се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители, односно не ги вклучува лицата со осигуран влог над 30.000 евра и правните лица не е проблем на оспорената одредба. Оваа одредба е во функција на она што значи поставеност и задача на Фондот според одредбите на Законот за Фондот за осигурување на депозити. Овој закон, а не оспорената одредба е тој што не предвидел осигурување на депозити на правните лица, туку предвидел осигурување на влоговите само на физичките лица. Тоа во овој случај претставува отсуство на регулатива и тоа во друг закон, а овој суд нема надлежност на позитивен законодавец.
Минатиот месец, Уставен суд донесе одлука да покрене постапка за оценување на уставноста на членот 163 од Законот за банки, по претставка на оштетени штедачи во пропаднатата Еуростандард банка. Тогаш единствено беше соопштено дека одлуката е донесена со мнозинство гласови, без да се прецизира дали сите девет членови присуствувале на седницата. Но, со оглед на тоа што четворицата судиии кои подготвија издвоено мислење соопштија дека гласале против покренување на постапката, извесно е дека „за“ гласале другите пет судии: Елена Гошева и Никола Ивановски, на кои мандатот како уставни судии им истекува на крајот на овој месец, Осман Кадриу, Јован Јосифовски и Дарко Костадиновски.
Пред изјаснувањето за тоа дали ќе биде поведена постапка за оценување на уставноста на Законот за банки, се чекаше мислење од Антикорупциската комисија дали двајца судии (кои потоа гласаа „за“) имаат судир на интереси во случајот со Еуростандард банка. Односно, како што објави „360 степени“, судијата Дарко Костадиновски е во блиски пријателско-роднински врски со семејството на најголемиот акционер во банката, каде што имал и заштеда од 6 илјади евра, додека судијката Елена Гошева, во имотните листови пред Антикорупциската комисија декларирала дека поседува штеден влог од 32 700 американски долари во оваа банка.
Здружението „Правда за штедачи“ вчера повторно имаше протест пред Уставниот суд, со барање одлуката за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки веднаш да се достави до Собранието и до Владата.
„Поминаа цели 15 дена, но иницијативата не е доставена на мислење до Собранието или Владата, што е редовен тек на работите пред да биде донесена конечната одлука. Ваквата постапка на претседателот на Уставниот суд е неоправдана, ниту има основа во Деловникот за работа на Уставниот суд. Напротив, таа е неоснована и не е поткрепена со ништо, додека мотивот за ваквото (не)постапување, ние како здружение, го гледаме во очајниот обид преку ‘процедурални’ трикови, претседателот да добие во време, со цел до 31.05.2021 година точката да не се најде на дневен ред, бидејќи на тој датум истекува мандатот на тројца уставни судии. Веројатно, очекувањата се дека новите уставни судии што ќе бидат избрани ќе бидат ‘послушни’ на структурите кои од повеќе места во изминатиов период вршеа притисок врз судот“,
наведоа од Здружението.