Бирото за јавна безбедност од синоќа, по откривањето во јавноста, покрена истрага, во која се очекува да се откријат администраторите и членовите на затворената група „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, каде се објавувани експлицитни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од повеќе македонски градови.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска рече дека оваа група е новоформирана и за кратко успеала да дојде до голем број членови поради што повика на поголем надзор и навремена реакција.
„Од Бирото за јавна безбедност покрената е целосна постапка известено е ЈО истрага. Излезено е Јавното обвинителство за откривање на администраторите и членовите на оваа група. Само апелирам што побрзо да се заврши истрагата и да се утрвди одговорност. Ова е апел и до сите нас, до родителите, образовните институции за поголем надзор врз децата и навремено да се реагира и во семејствата и во училиштата“,
рече Спасовски, кој додаде дека и порано имало вакви случаи што се расчистувале.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкриељ рече дека до сега нема ниедна пријава од родители на девојчињата кои се предмет на злоупотреба.
„Се координираме со МВР и со МОН. Упатувам апел до сите родители чии девојчиња биле изложени во таа група, да се обратат до Центрите за социјална работа за стручна помош.Со МОН веќе договоривме стручните тимови во училиштата да преземат мерки“,
рече Шкриељ.
Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, уште вчеравечер на својот Фејсбук профил објави дека Бирото за јавна безбедност веднаш започнало истрага за мотивите и целите за формирање на оваа група откако Радио МОФ и А1.он објавија вознемирувачки стории дека на веќе еден месец во затворена група позната како „Јавна соба“ со над 7.400 членови се споделуваат фотографии и видеа на малолетнички од земјава, некои со име и презиме.