Амбасадорското место во Вашингтон и натаму е празно, како и неколку дипломатски позиции во регионот
Северна Македонија наскоро ќе испрати нови амбасадори во Русија, Индија и во Австрија, каде што заминуваат дипломати од МНР, додека амбасадор во Италија ќе биде експратеникот и потпретседател на Собранието од НДП, Весел Мемеди.
Во Москва заминува Ненад Колев од МНР, од каде што се избрани и идните амбасадори во Њу Делхи – Слободан Узунов и во Виена – Освит Росоклија.
Политичко е единствено именувањето на Весел Мемеди за амбасадор во Рим. Тој беше пратеник во минатиот состав на парламентот од Националната демократска преродба (НДП) – партијата што ја основаше некогашниот градоначалник на Гостивар, Руфи Османи. Мемеди, кој коалицираше со СДСМ и со ДУИ во претходната влада, си поднесе оставка од пратеничкото место летото2019 година, откако премиерот Зоран Заев, при тогашната владина реконструкција, предложи разрешување на единствениот министер (за локална самоуправа) од редовите на НДП, Сухејл Фазлиу, за на тоа место да дојде Горан Милевски од ЛДП.
Четворицата кандидати за амбасадори ги поминале сите процедури во надлежните институции МНР, Владата и шефот на државата, така што останува уште да ги одбранат тезите во собраниската Комисија за надворешни работи. Претставувањето на нивните платформи пред членовите на матичната собраниска комисија е закажано за денеска. Ама претседателот на ова тело, Антонијо Милошоски, ни најави дека овој пат веројатно ќе се расправа само за ратификацијата на Договорот меѓу страните на Северноатлантскиот договор за безбедност на информации, што е прва точка на дневен ред на денешната комисиска седница, додека претставувањето на платформите ќе биде оставено за некој од наредните денови.
Известувањата за новите амбасадори, кои треба да ги одбранат платформите пред парламентарната Комисија за надворешни работи, според информациите оттаму, стигнале во Собранието минатата седмица, откако пред околу еден месец предлозите биле утврдени на затворена владина седница и испратени кај шефот на државата. Со тоа се пополнуваат уште четири испразнети дипломатски позиции на земјава, ама и натаму се празни амбасадорските места во Вашингтон и во Мисијата на ОН во Њујорк, за каде што, наводно, се подготвува универзитетскиот професор и некогашен министер за надворешни и за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, откако отпадна варијатата тој да биде амбасадор во САД.
Сѐ уште не се пополнети и амбасадорските позиции во Белгија, како и во неколку главни града во регионот, меѓу кои и соседните Србија и Бугарија.