Во повеќеминутен монолог на мошне висок тон, Џафери ја опоменуваше опозицијата дека одговара пред граѓаните, посочувајќи дека тројца пратеници од мнозинството се позитивни на коронавирус и не може да дојдат да гласаат
Констатирам дека во салата има најмалку 61 пратеник и дека може да се гласа, заклучи вечерва спикерот Талат Џафери откако ја продолжи 32.собраниска седница, а координаторот Никола Мицевски објави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напуштат салата и дека ќе чекаат пред врата да почне 36.седница, на чиј дневен ред се законите од петтиот сет антикризни мерки.
Додека опозициските пратеници стануваа од своите столчиња и одеа кон излезот од салата, Џафери почна да ги чита еден по еден сите, како што рече, 101 член на законодавниот дом кои денеска се запишале како присутни во евидентниот лист. Опозиционерите застанаа пред излезот, додека Џафери за секој пратеник што го прочита кажуваше посебно дали е во салата или е отсутен. Рече дека тоа го прави за целата јавност да слушне кои се пратениците кои се запишале како присутни и утре ќе бараат патни трошоци, иако сега не се во салата. Со оглед на тоа што опозиционерите се уште беа во салата, Џафери констатираше дека има кворум.
Доцна попладнево, Џафери ја закажа за 19:20 часот 36.седница за да бидат донесени законите од петтиот сет мерки. Но тој се појави во салата дури по 20:30 часот, а на реакциите на опозицијата на доцнењето се оправда со вечерата за Рамазан. Потоа соопшти дека продолжува со 32.седница. На тоа реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи дека опозицијата ќе ја напушти оваа седница.
„Прекинете го овој циркус и ајде да ја почнеме 36.седница и да ги донесеме законите од економскиот пакет“,
рече Мицевски, кој единствен од ВМРО-ДПМНЕ остана во салата.
Координаторот на СДСМ Јован Митревски , во меѓувреме, соопшти дека тројца пратеници од мнозинството се позитивни на коронавирус. Тој им се извини на граѓаните што се уште нема услови да се донесе петтиот пакет мерки.
Процедуралните излагања на Мицевски го налутија Џафери, кој, во повеќеминутен монолог на висок тон, ја опоменуваше опозицијата дека одговара пред граѓаните.
„Јас не сум фејсбук -политичар, па да се раководам од тоа кој што тоа кој што напишал на Фејсбук. Јас се водам по Устав и по процедури.И не водам кладилница, туку сериозна институција. Цел ден ги слушам важите процедурални дискусии. На крајот на краиштата правете што сакате. И нека знае целата јавност дека сте дошле тука, сте се потпишале на евидентниот лист, ќе барате патни трошоци, а ве нема на седница“,
Зборуваше Џафери, на мошне висок тон, главно обраќајќи му се на Мицевски.
Во меѓувреме, пратениците од мнозинството удираа по маса на обраќањата на опозиционерите. Заменик-координаторката на Алијанса/ Алтернатива забележа дека удирањето по маса е знак на опозицинерство.
„Стрпете се уште малку. Тоа е знак дека многу брзо ќе бидете во опозиција и ќе можете да трескате по маса“,
рече пратеничката Илире Даути.
Димитар Апасиев од Левица, пак, оцени дека СДСМ нема контрола над парламентот, затоа што спикерското место му го препушти на ДУИ.
„И тоа што премиерот Зоран Заев ќе го договори на средби со партиите, СДСМ не може да го испорача. Затоа ВМРО-ДПМНЕ претходно цели 11 години не го даде на друга партија претседателското место во Собранието, кое е многу битно. И бидејќи сте во таква ситуација, јас би ви препорачал да го прифатите ултиматумот и да ја почнеме 36.седница“,
рече Апасиев.