Орце Камчев заврши во 30-дневен притвор на 14 март, како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. За мерката притвор тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарало продолжување на притворот за бизнисменот Орце Камчев во предметот „Плацовите на Водно“, потврдуваат од Обвинителството за „360 степени“.
Обвинителката Лиле Стефанова го поднела предлогот во петокот, а првичниот притвор му истекува за два дена.
Камчев заврши во притвор на 14 март откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ) достави белешка до Обвинителството дека се подготвува за бегство.

За оваа белешка, пак, денеска на прес-конференција во просториите на „Систина“ неговиот адвокат Тони Менкиновски информираше дека како одбрана поведуваат постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје за утврдување на незаконитоста на белешката. Тој тврди дека АНБ му ги прекршила уставните права на слобода и безбедност, на ефикасна и делотворна одбрана и на правично судење пред непристрасен трибунал. Оваа Агенција, според одбраната, немала надлежност да го следи бизнисменот бидејќи не станува збор за некаква закана по националната безбедност.
„АНБ постапила надвор од своите законски овластувања предвидени во Законот за Агенцијата за национална безбедност, овластувања што се однесуваат на дела како шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност. Оттука останува нејасно како господинот Камчев ја загрозува националната безбедност на државата и претставува закана за да биде следен од 12 февруари до 14 март 2021, како и да биде изготвена службена белешка“,
рече Менкиновски.
Тој тврди дека, наместо да ја извести обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот, АНБ ако имала какви било сознанија за бегство, требало да го извести Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, кое има надлежност за следење и анализирање на безбедноста состојба и причините за појава на криминалитет. Потоа, според адвокатот, БЈБ е тоа што требало да ја извести обвинителката. Уште еден аргумент на одбраната е што АНБ немала судска наредба да го следи Камчев.
Во своја полза, адвокатскиот тим на бизнисменот ја користи и изјавата на премиерот Зоран Заев.
„Дека се работи за скандалозно изрекување на најстрогата мерка за обезбедување, изречена врз усна белешка на доушник и непрезентирање докази кон одбраната, потврдува и премиерот кој како носител на извршната власт имал ингеренции и можел да има увид во извештајот на АНБ. Тој изјави дека осомничениот Камчев не планирал бегство со бугарски агенти. Тој рече: ‘Не се работи за следење, кажувам дека не е следен… Тоа агенти, Бугарија, не е точно, нема таму таква работа. Има неколку причини од кои се побудил кај нив инстинктот да напишат и да пријават, понатаму тоа го цени јавниот обвинител’“,
ја цитираше Менкиновски изјавата на Заев и додаде дека ним од судот им рекле дека мерката притвор се изрекува поради соработка со бугарски агенти и план за бегство.
Покрај постапката за незаконитоста на белешката, адвокатите на Камчев од овие причини рекоа дека ќе поднесат и претставка до Судскиот совет за несовесно и нестручно работење на судијата по претходна постапка.
Орце Камчев заврши во 30-дневен притвор на 14 март како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. За мерката притвор тој поднесе жалба до кривичниот совет, но таа му беше одбиена.
Во истрагата за „Плацовите на Водно“, покрај Камчев, осомничени се и експремиерот Никола Груевски, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Руско Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева…
Предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри и сума од 1,3 милион евра.
Неодамна, во рамки на истрагата обвинителството вршеше претрес и во станови што се поврзуваат со Груевски.